Ендрју Вилсон, извршниот директор на една од најпознатите и најголеми развојни куќи на високо буџетни игри, EA, најави дека годинава ќе добиеме продолженија на неколку познати франшизи, кои уште сега ја прават оваа година интересна за гејмерите.
Најинтересни се веројатно новите Star Wars: Battlefront и BioWare. Првата игра беше многу популарна кога беше лансирана, но не доби најдобри критики и новата верзија има многу работи кои ќе треба да ги подобри. Главна ќе биде веројатно кампањата за офлајн играње, која може да привлече многу гејмери кои го сакаат тој тип на игри.
Новата BioWare игра (студио во рамките на EA) пак ќе биде поставена во целосно нов универзум, различен од тој на Mass Effect и Dragon Age. Од EA велат дека оваа игра може да има голем импакт на пазарот и кај гејмерите, алудирајќи на тоа дека целосно ќе го промени начинот на кој луѓето гледаат на акционите игри.
Како и секоја година, EA ќе претстави и неколку спортски наслови, меѓу кои кај нас сигурно најпопуларен ќе биде FIFA 18, која ќе добие нови кампањи за офлајн играње. Покрај фудбалот, EA работи и на нова NBA Live игра, како и на NHL 18 и UFC игра за најпопуларниот спорт за екстремни боречки вештини.
На почетокот од 2018 година во март, односно на крајот од фискалната 2017 година за EA, ќе биде лансирана и нова Need for Speed игра. Детали засега се уште не се познати, но од студиото најавуваат дека работат на голем број на иновации, што значи дека може да очекуваме нешто целосно ново, односно нешто што не сме го виделе досега во серијалот. Како и секогаш, EA најавува и исклучителна графика за својата нова тркачка игра.
Покрај новите игри, EA планира и големи настани од областа на гејминг спортот, поточно натпревари во Battlefield 1, FIFA и Madden.
Извор: Venture Beat, Game Zone, Polygon