После најавата вчера дека Microsoft SkyDrive ќе биде преименуван во OneDrive, денеска се појавија информации за можна промена и на Office Web Apps апликациите. Office Web Apps се онлајн верзии од Word, Excel, PowerPoint и OneNote кои се достапни бесплатно за користење за сите корисници преку веб прелистувач. Истите се со намален број на функции, односно не претставуваат онлајн копија на платените верзии кои што се инсталираат локално на компјутерот.
Според информациите до кој што има дојдено ZDNet преку Yan Zhu сопственикот на livesino.net порталот, Microsoft ќе изврши промена на името Office Web Apps. Апликациите ќе биде преименувани во Office Online, што претставува многу поедноставно и јасно име, кое што ја опишува нивната функција. Соодветно на ова име, апликациите би биле наречени Word Online, Excel Online, PowerPoint Online и OneNote Online.
Покрај промената на името информациите покажуваат и можна промена на локацијата на веб страната, односно олеснување на нивното пронаоѓање. Моментално за корисниците да дојдат до Office Web Apps потребно е да се најават на нивниот SkyDrive преку веб прелистувач, па потоа да отворат некој документ од нивните папки доколку веќе имаат зачувано или да притиснат на Create копчето преку кое што можат да креираат нов документ од споменатите апликации. Друг начин на доаѓање до нив не постои, односно нема едноставна веб страна која што води директно до овие онлајн апликации. За олеснување на нивното пронаоѓање се очекува нивно поставување на лентата која што се појавува кога ќе се најавите на Outlook.com и ќе притиснете на стрелката во горниот лев агол.
Сепак доколку овие промени се навистина планирани, додатно решение би било и креирање на веб страна, officeonline.com, на пример, преку која што корисниците директно би можеле да се најават на овој сервис, наместо најавување на еден, па преку него да се дојде до некоја од Office апликациите. Веќе постои веб страна Office.com меѓутоа истата е полна со информации и е главно наменета за промовирање на Office 365 сервисот и апликациите.
Извор: ZDNet