Заштитата на податоците на корисниците, како email пораки, фајлови во многуте cloud сервиси, chat комуникација и слично е нешто што станува се поактуелно. Тоа е поради големиот број на информации кои што излегуваат и покажуваат дека податоците на корисниците се често предмет на искористување од разни страни и за разни цели. Така, повеќето компании ги користат податоците на корисниците за учење на нивните преференции врз основа на кои што продаваат реклами. Исто така актуелни се информациите за следење на комуникацијата од страна на владите во светот, а посебно во тоа беше истакната американската NSA. Тука е и последниот случај на пристапување на email сандачето на блогер од страна на Microsoft, поради истрага за протекување на деловни тајни, но без разлика за причината тие добија доста критики за таа активност.
Истражувачите од MIT Универзитетот на чело со Raluca Popa работат на развој на систем кој што би требало да овозможи заштита од горенаведеното нарушување на приватноста на корисниците. Системот на кој што работат е наречен Mylar и во основа работи на тој начин што врши енкрипција на податоците во прелистувачот на корисникот уште пред тие да излезат на интернет, односно да дојдат на серверот на сервисот кој што се користи. Тоа значи дека ни сопствениот на серверот кој што го нуди сервисот нема да има можност за пристапување до податоците, поради тоа што тие се енкриптирани на компјутерот од корисникот. Истражувачите нагласуваат дека податоците не би можеле да бидат дадени дури и по судско барање поради немањето на можност за декриптирање на податоците. Системот ќе има можност за споделување на податоците со други луѓе, а принципот на енкрипција ќе биде задржан и кај нив.
Mylar системот веќе се тестира помеѓу помала група на луѓе. Поточно се работи за размена на медицински информации помеѓу пациенти и нивните доктори. Овој тест треба да ги покаже и тестира можностите на системот пред истиот официјално да биде понуден на компаниите.
Сепак успешноста и популарноста на системот е ставен под знак прашалник поради две причини. Едната е ризикот од целосно губење на податоците без можност за нивно враќање поради можноста корисникот да ја заборави лозинката. Исто така прашање е колку компаниите би сакале да почнат да го користат Mylar поради тоа што нив им одговара да имаат пристап до податоците на корисникот од причини кои што ги наведовме на почетокот од статијата.
Извор: MIT Technology Review