Корисниците на Windows Phone, како и на другите платформи, имаат можност да ги оценуваат апликациите и да оставаат коментари во продавницата кај конкретната апликација. Исто така корисниците може да пријават некоја апликација доколку сметаат дека содржи одредени навредливи работи, има вирус и малициозен софтвер и слично. Апликацијата се пријавува на Microsoft преку отворање на посебна страна на која што корисникот ја избира причината за нејзино пријавување.
Луѓето од Windows Phone Daily опишувајќи го процесот на пријавување на одредена апликација на нивни читател, имаат дојдено до интересно откритие, односно додаток во листата на причини за пријавување на апликацијата. Во листата покрај досега достапните причини, додадена е и причината за пријавување на Несоодветен одговор на програмерот на мојот коментар (Inappropriate developer response to my review). Ова доведува до заклучокот дека штом корисниците ќе можат да пријават одговор од програмерот, тоа значи дека програмерите ќе ја добијат можноста да одговараат на коментарите од корисниците. Се разбира ова не е потврдено од страна на Microsoft, па информацијата е сеуште неофицијална. Со оглед на фактот дека Build 2014 ќе се одржи за една недела, не се ни очекува Microsoft пред тоа да дава било какви дополнителни одговори за новата верзија на нивниот оперативен систем, Windows Phone 8.1.
Можноста за одговарање на коментарите од страна на програмерите е воведена во Play Store на Android уште минатата година. Очигледно е дека доколку Microsoft сака да продолжи да го зголемува бројот на корисници ќе мора да воведе доста функции достапни на другите оперативни системи.
Извор: Windows Phone Daily