Фото: Meta

Instagram, односно Meta, веќе неколку години воведува механизми кои се наменети за заштита на малолетните корисници на мрежата. Сега доста пологично, сите овие функции се ставаат во нов вид на сметки на мрежата наречени „Тинејџерски сметки“, односно „Teen Accounts“. 

Ставањето на еден корисник во оваа група на корисници ќе се прави автоматски, а ќе бидат префрлени и веќе постојните корисници. Правиот предизвик ќе биде да се открие дали корисниците лажат за својата возраст, односно тинејџерите да не се обидуваат да се претстават како постари, а од Meta истакнуваат повеќе механизми кои ќе ги користат, како повеќе места за верификување на возраста, користење на вештачка интелигенција и слично. 

Тинејџерските сметки ќе имаат неколку карактеристики кои ќе ги издвојуваат од останатите, а ќе треба да им овозможат подобра заштита. Тие ќе вклучуваат карактеристики како автоматско поставување на сметката како приватна, односно не јавна, пораки ќе може да се добиваат само од сметките кои ги следат, нема да им биде прикажувана „сензитивна“ содржина, ќе можат да бидат означени во објави само од сметките кои ги следат, ќе добиваат известување после 60 минути користење во текот на денот, а ќе им бидат исклучени известувањата од 22 часот до 7 часот. 

За корисниците кои имаат под 16 години сите овие прилагодувања, односно ограничувања ќе можат да бидат променети само од страна на родител, па корисниците нема да можат самите да прават промени. За постарите од 16 тинејџери сепак ќе има нешто поголема слобода. 

Родителите на тинејџерските корисници ќе можат да видат со кого разговараат нивните деца, но нема да можат да ги видат пораките, ќе можат да поставуваат ограничувања за користење на апликацијата, да го блокираат користењето на апликацијата во одредени периоди, како и да прават промена на темите кои им се прикажуваат. 

Овие нови сметки ќе бидат пуштани постепено, а за целиот свет се најавуваат дури од јануари идната година. Во процесот на пуштање, постојните корисници ќе бидат автоматски префрлени на овој вид на сметки доколку се во соодветната возраст. 

ИЗВОРMeta
Претходна статијаMeta ги претстави Orion – првите класични очила со можност за проширена реалност
Следна статијаAI Weekend во Ровињ ги собра претставниците на регионалната и светската tech сцена
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.