На Meta Connect 2024 настанот вчера, покрај поевтиниот Quest 3S уред за виртуелна реалност, Meta ги претставија и првите очила кои изгледаат како обични диоптриски очила, но доаѓаат со проширена реалност.
Meta Orion се резултат на повеќе годишен развој, како и работа на Ray-Ban очилата кои не доаѓаат со екрани.
За Meta Orion слободно може да се каже дека ќе бидат иднината на ваквите уреди, а ќе треба да почекаме уште малку додека технологијата биде доволно развиена. Поради тоа, овие очила на почеток ќе им бидат достапни само на дел од вработените во Meta, како и неколку избрани надворешни луѓе, а достапноста во продажба се најавува за во блиска иднина.
Во оваа верзија Orion иако изгледаат доста како класични очила, односно не се работи за голем уред со камери за гледање, сепак се доста големи и гломазни. Од Meta ќе работат на намалување на големината, па може да се очекува во иднина и да не се забележува дека се работи за паметни очила.
Корисниците со Orion можат да ја гледаат околина најнормално, а исто така се гледаат нивните очи, па постигната е целта за тие да бидат погодни да се носат надвор и подолго време.
Очилата доаѓаат со два екрани кои се поставени на проѕирните стакла, а на корисниците им прикажуваат апликации како и сите очила со проширена реалност.
Дополнително, Orion функционираат со Meta AI, па тие имаат функции како можност за препознавање на предметите во околината, а и работи како прикажување на рецепт со достапните работи во фрижидерот, на пример.