Концептот на електронска пошта се појави во седумдесеттите и од сегашна перспектива изгледа антички, земајќи ја предвид брзината на развитокот на информатичката технологија. Основата ја знаеме сите: авторот пишува електронска порака, одбира на кого ќе ја прати и ја праќа. Другата страна ја прима, ја чита и одлучува дали ќе одговори или нешто друго да преземе околу нејзината содржина. Ако некоја порака била пратена пред неколку дена треба да одиме неколку (десетици) минути низ листата на пораки за да ја најдеме, надевајќи се дека ќе ја препознаеме. Едноставно нели, и по малку досадно? Сега IBM сака да го направи концептот на електронска пошта далеку поинтересен и ефикасен.
Имено, IBМ само што го претстави IBM Verse, својот нов концепт на електронска пошта. Но, за разлика од стандардната е-пошта, оваа изведба овозможува друг начин на работа и соработка со останатите луѓе. Пораките сега ќе бидат сортирани во однос на тоа кој ги праќа место кое време биле пратени. Истото ќе се примени и на датотеките кои ги прикачувате. Разговорите со луѓето можете лесно да ги започнувате, спојувате и раздвојувате од другите луѓе или групи користејќи визуелен приказ на истите. Кога ќе имате нова порака од некој контакт, до неговата икона ќе се појави црвена точка по што со клик ќе можете да ја проверите пораката. Дополнително, ќе има пребарување на разговорите преку клучни зборови, теми на разговарање, или според посебни датотеки.
Погледнете го видеото за претставувањето на IBM Verse
Verse во себе ќе вклучи календар и управител на задачи кои ќе бидат поврзани со конкретни пораки или разговори кои ги имате со соработниците, и ќе ве потсетуваат кога треба да се заврши некоја задача. Ова ќе овозможи интегрирана соработка со другите луѓе на едно место со фин, визуелен приказ на сите потребни елементи, што навистина може да пружи подобрувања пред сегашниот концепт на е-пошта. Да потсетиме, слично се обиде да го постигне Гугл со Wave, нешто што не им успеа можеби поради лошото време на објавување пред да биде спремен пазарот да го прифати.
Да се надеваме дека на IBM ќе му успее да го револуционизира античкиот концепт за е-пошта кој се` уште го користиме. На почетокот до Verse ќе добијат ексклузивен пристап партнери на IBM и други па понатаму ќе можат да се пријават и стандардните корисници. Самата пријава ќе биде беспари но ако сакате да користите разни алатки ќе мора да ги платите. Ќе се објават и мобилни апликации за да можете да управувате со вашите пораки директно од вашите преносни уреди.