Meta официјално го најави воведувањето за првпат на претплата за користење на Facebook и Instagram мрежите без реклами во Европа. Корисниците ќе ја имаат можноста да плаќаат 9,99 евра месечно, односно 12,99 доколку се претплатат преку мобилната апликација и со тоа веќе да не гледаат никакви реклами на мрежите, а исто така нивните податоци веќе да не се користат за рекламни цели.
Ова беше неофицијално најавено на почетокот од месецот, а секако доаѓа поради новите закони во Европската Унија која за нив е доста критикувана, посебно за одредени делови.
Корисниците до 1 март идната година ќе можат да ги користат сите нивни поврзани профили со една претплата, но потоа ќе мораат да плаќаат дополнителни 6 евра месечно, односно 8 евра преку мобилната апликација, за секој дополнителен профил.
За останатите корисници, односно тие кои не планираат да плаќаат, користењето на мрежите ќе остане исто, односно бесплатно. Тие ќе продолжат да ги гледаат рекламите кои се проценети дека ги интересираат, а начинот на којшто се одредуваат тие интереси е во основа проблемот за организациите за приватност.
Оваа новина се однесува на земјите од Европската Унија, Европската Економска Зона и Швајцарија.
Ние веруваме во интернет поддржан од реклами, кој им овозможува на луѓето пристап до персонализирани производи и услуги без оглед на нивниот економски статус. Исто така, им овозможува на малите бизниси да допрат до потенцијални клиенти, да го развијат својот бизнис и да создаваат нови пазари, поттикнувајќи го растот на европската економија. И, како и другите компании, ќе продолжиме да се залагаме за интернет поддржан од реклами, дури и со нашата нова понуда за претплата во ЕУ, ЕЕЗ и Швајцарија. Но, ние ги почитуваме духот и целта на овие европски регулативи и сме посветени на нивно усогласување.
истакнуваат од Meta