Facebook веќе одамна развива технологија за препознавање на лицата на сликите кои што ги прикачуваат корисниците на оваа мрежа. Сигурно повеќе од вас имате забележано дека при поставувањето на слика Facebook дава предлог за означување на секое лице посебно со одредени корисници од вашата листа на пријатели. Оваа технологија Facebook сериозно ја развива и планира се повеќе да ја унапредува со цел точноста на препознавање на лицата да биде на високо ниво и без грешки.
DeepFace е софтвер за вештачка интелигенција на кој што работи Facebook. Овој софтвер врши препознавање на лицата преку 3D моделирање на истите и користејќи метода за нивно свртување на напред, односно како да гледаат во камерата. Истиот овозможува многу поголема точност на препознавање на лицата кое што е многу блиску до нивото на способноста за препознавање од страна на луѓето. Луѓето успеваат да ја препознаат сликата во 97,5% од случаевите, а DeepFace успева да се приближи до овој процент со 97,25% успешност.
За развивањето на оваа технологија, Facebook има искористено повеќе од 4 милиони означени слики од повеќе од 4.000 корисници со цел тренирање на системот подобро да врши препознавање. DeepFace е сеуште во развој, односно нема веднаш да ја видиме неговата имплементација.