Популарноста, а со тоа и конкуренцијата на cloud сервисите е се поголема, па компаниите претставуваат разни функции и подобрувања кои што треба да го подобрат корисничкото искуство. Dropbox како еден од најстарите, а сигурно најпопуларни сервиси, оваа недела претстави неколку подобрувања кои што треба овој сервис да го направат подобар за користење.
Првото подобрување се однесува на синхронизацијата на фајловите, поточно поголемите фајлови над 16 MB. Начинот на кој што работат cloud сервисите, а со тоа и Dropbox, е преку синхронизирање на фајловите на уредите со серверот. Тоа значи дека доколку ставите нови фајлови во папката на вашиот десктоп компјутер, истите ќе биде качени на серверот, по што тие ќе бидат симнати на сите други уреди каде што го користите Dropbox. Истото важи и за правењето на било какви промени на постојните фајлови, како и нивното бришење.
Новиот начин на синхронизација од Dropbox го нарекуваат Streaming Sync и треба да овозможи од 1,25 до 2 пати побрзо време на синхронизирање на фајловите. Промената која што ја воведува овој нов начин на синхронизирање е започнување на симнување на новиот фајл на другите уреди, пред истиот да биде целосно качен на серверот од уредот кој што го прикачува. Тоа значи дека наместо како до сега да чекате прво фајлот да биде целосно качен, пред да може да почне да се симнува на друг уред, сега истиот веднаш почнува да се симнува, па додека заврши со качување, тој ќе биде скоро симнат на другиот уред.
Исто така, од Dropbox додава можност за креирање на линкови за споделување, како и прифаќање на линкови од други корисници директно од менито на десктоп клиентот. На истото мени исто така ќе се прикажува и листа со нотификации која што ќе ви овозможи поглед во се што се случува со вашата папка, односно листа со сите промени.
Новите работи додадени во Dropbox се достапни во најновата верзија од десктоп клиентот која што можете да ја симнете преку следниот линк. Streaming Sync ќе почне да работи за корисниците на најновата верзија од клиентот во текот на наредните недели.