Германскиот автомото сојуз АДАК предлага двојно зголемување на процентот на етанол кој се меша со бензин за автомобилските мотори од 10 на 20 проценти со цел постигнување на поголеми заштеди на емисија на јаглерод диоксид и побрза декарбонизација на транспортниот сектор.

На бензинските станици во Германија се точи Е10 – бензин што содржи до 10 проценти етанол, а предлогот на АДАК е тој да се зголеми до 20 проценти.

– Повеќето бензински автомобили во возниот парк денеска може да користат Е10. Многу нови возила дури може да користат Е20 или повисок процент на мешавина на етанол, ако производителите го дозволуваат тоа. Овој потенцијал за намалување на потрошувачката на фосилни горива од постојните и нови возила не треба да се игнорира, вели шефот за технологија на АДАК Карстен Шулце, во интервју за Еуроактив.

Директивата за квалитет на горивата на Европската Унија не дозволува мешање над 10 проценти етанол во бензинот, но во рамките на новиот Зелен договор на Европската Унија оваа Директива, како и многу други, ќе биде ревидирана и се верува дека Европската комисија ќе поддржи повисоки мешавини на алтернативни горива.

Можностите за стимулирање на употребата на обновливи и горива со ниска емисија, според Еуроактив, Европската комисија би требало да ги разгледа во јуни 2021 година.

Транспортот во Европа учествува со 25 проценти во вкупната емисија на стакленички гасови, додека патниот транспорт речиси целосно е зависен од фосилни горива – 95 проценти. Пробивот на електричните возила и покрај напорите не дава брзи резултати – особено поради немањето соодветна инфраструктура и високи трошоци.

Европската комисија  разгледува повеќе опции – струја, водород и биогорива, но засега не е јасно која технологија ќе успее на пазарот во иднина, иако, единствено, етанолот има предност бидејќи е гориво што е целосно компатибилно со конвенционалните мотори.

Претходна статијаThe Town сепак не го бива
Следна статијаЛинкови од разни ќошиња на интернетот #20