UWP, односно Universal Windows Platform, требаше да биде главната платформа преку која во иднина ќе се прават и продаваат апликациите во Windows 10. Овие апликации се поразлични од „старите“ win32 десктоп апликации, а меѓу другото, тие доаѓаат и со можност за прикажување на информации на „живите плочки“ карактеристични за Windows од неговата осма верзија. Исто така, овие апликации се достапни ексклузивно преку Microsoft Store продавницата за апликации која доаѓа со Windows 10.

Програмерите имаат можност да своите стандардни апликации ги прилагодат за достапност преку Microsoft Store, меѓутоа со неуспехот на Windows 10 Mobile, изгледа падна и мотивацијата на Microsoft да развива платформа која и во самото име има една клучна ознака, универзални апликации, кои сега во главно би останале достапни само на еден оперативен систем.

Поради слабиот успех на оваа платформа, веќе можевме да прочитаме дека Microsoft ќе престане да ги „тера“ програмерите да развиваат за UWP платформата, па тие ќе можат послободно да продолжат да ги развиваат своите win32 апликации, односно повеќе познатите десктоп програми, како што ги нарекувавме порано.

Со ова официјално се најави намалувањето на значењето на оваа платформа, а сега го имаме и вториот чекор којшто може слободно да се каже дека го најавува и крајот на платформата.

Од Microsoft ја откажуваат нивната платформа за реклами за апликациите направени преку UWP, со што програмерите веќе нема да имаат како да заработуваат од своите апликации. Можноста за заработка останува до јуни оваа година, но после тоа заработката, иако не невозможна, ќе стане доста потешка.

Со тоа е јасно дека програмерите, кои и така се малку, веќе нема да имаат баш мотивација за да продолжат да развиваат за оваа платформа, а за привлекување на нови веќе не се ни размислува.

Не е точно познато какви се точните планови на Microsoft, па се верува дека Microsoft Store ќе стане во главно место каде ќе може да се дојде до win32 апликациите, а тоа ќе овозможи и некои предности, како автоматско ажурирање на истите и слично.

Од сегашна гледна точка иде коментарот дека можеби попаметно ќе им беше на Microsoft да прво започнат со продавница во која корисниците ќе можат лесно да дојдат до веќе достапните win32 апликации, па потоа да се обидат да ја развијат дополнителната платформа. Вака, продавницата има и доста слаб избор на win32 апликации, иако предности за нивната достапност преку продавницата има повеќе.

ИЗВОРWindows Central
ИЗВОР 2gHacks
Претходна статијаПодбрендот на Xiaomi, POCO, го претстави својот втор уред по подолго време
Следна статијаУметник од Берлин користејќи 99 мобилни телефони покажа како може да се излажат Google Maps
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.