Google Maps апликацијата, покрај доста други, има една навистина корисна функција, а тоа е можноста да прикаже каков е сообраќајот по улиците преку означување на истите со различна боја. Зелена боја значи дека сообраќајот е слаб, односно нема гужви, па како оди кон црвена и темно црвена боја, сообраќајот на тие места значи дека е доста отежнат, односно бавен.

Информациите за тоа каков е сообраќајот Google ги добива според бројот на мобилни уреди со инсталирана Google Maps апликација во одреден реон. Ова е прилично едноставно, а со оглед на тоа што во денешно време сите имаат мобилни телефони, а апликациите од Google се едни од најмногу користените, шанса за недоволно информации скоро и нема.

Сепак, овој систем може да покаже погрешни информации поради други причини, како на пример намерно негово „лажење“ од страна на уметник од Берлин. Симон Векерт, со цел да покаже колку зависиме ние, но и многу други апликации од Google Maps, со тоа креирајќи нова форма на дигитален капитализам, како што истакнува тој, го „хакна“ системот да прикаже погрешни информации за гужвата по улиците во Берлин.

Тој тоа го направи со ставање на 99 мобилни телефони со Google Maps во мала, детска, количка на влечење, по што почнал да шета по улиците. Со тоа, Google Maps има добивано информации од тие телефони, мислејќи дека поради тоа има гужва, иако тоа не бил случајот. Точно каде што шетал Симон, Google Maps почнувале да прикажуваат црвена линија.

Од Google во изјава за 9to5Google истакнуваат дека без разлика дали со кола, количка или камила, тие сакаат да гледаат креативна употреба на Google Maps која ќе им помогне да ја направат апликацијата подобра со тек на време.

ИЗВОРTechSpot
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаMicrosoft ја гаси платформата за реклами кај нивните универзални апликации
Следна статијаTCL ќе престане да произведува телефони со брендот на BlackBerry
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.