Како што беше неофицијално најавено минатата година, Microsoft оваа година ќе претстави нова верзија од нивниот Office пакет, но наменет за корисниците кои сакаат да платат само еднаш за апликациите, но не и за додатните функции од „облакот“.
Самостојниот Office пакет треба да биде достапен до крајот на годината и ќе го носи името Office 2021 за обичните корисници и Office LTSC – Long-Term Servicing Channel за бизнис корисниците. Корисниците ќе треба да платат еднаш, по што овој пакет ќе биде во нивна сопственост, а се најавува поддршка од 5 години.
Сепак, како главен Office производ Microsoft го смета Office 365, односно сега наречен Microsoft 365, каде корисниците плаќаат месечна или годишна претплата со што добиваат пристап до одредени сервиси и зависно од пакетот, апликациите како Word, Excel, PowerPoint, Outlook и другите.
Со Microsoft 365 претплатата корисниците добиваат и месечни Skype минути за разговор, како и простор на OneDrive, додека бизнис корисниците добиваат и додатни функции како имејл простор и слично.
Office 2021 и Office LTSC се наменети повеќе за корисниците кои сепак не ги сакаат додатните функции, а посебно се истакнуваат компаниите чиј процес на работа е на компјутери кои не се поврзани на интернет, а и имаат поретки и стабилни надградби на системот.
Овие две нови верзии од Office треба да станат достапни до крајот на годината, а со оглед дека претходната верзија беше Office 2019, се очекува да бидат воведени доста од новите функции кои редовно стануваат достапни за корисниците на Microsoft 365 пакетите.