Shutterstock.com

Како што е веќе познато за повеќето, а посебно фановите на Huawei, оваа компанија од минатата година е ставена на листа од страна на американските власти, поради што американските компании не смеат да соработуваат со неа.

Тоа кратко кажано за телефоните на Huawei значи дека тие не можат да користат американски производи, а во тие спаѓаат и сервисите и апликациите од Google. Huawei продолжи да го користи Android за своите телефони, тој е оперативен систем со отворен код, но сервисите и апликациите од Google веќе не се достапни, поточно не се достапни на уредите кои се претставени од мај минатата година, па наваму.

Апликациите од Google кои ги нема на телефоните на Huawei се и едни од најпознатите и најмногу користените во светот, односно тоа се апликациите како Gmail, Google Maps, YouTube и слични, а не е достапна ниту продавницата за апликации Play Store.

Huawei веќе почна да работи со програмерите за додавање на своите апликации на нивната продавница, но сепак тоа нема да може да го договори со Google, па голем дел од корисниците сигурно ќе се решат да овие апликации ги инсталираат преку нивно посебно симнување надвор од продавниците за апликации.

Google сепак смета дека корисниците не треба да го прават тоа, односно тие тоа не го препорачуваат. За истото има две причини. Едната е дека овие апликации се замислени да функционираат со сервисите од Google кои не се достапни на овие уреди. Тоа може да предизвика да апликациите не функционираат како што треба.

Другата е дека кога се симнува датотека од интернет за да се инсталира апликација која не е замислена да е достапна надвор од продавницата, истата може да биде изменета и да ја загрози приватноста и безбедноста на корисникот.

Од Google истакнуваат дека корисниците треба да проверат дали нивниот уред е сертифициран да работи со Play Store, а тоа може да го направат со одење во Settings во продавницата, каде на крајот е истакнат статусот на тој уред.

ИЗВОРTechSpot
ИЗВОР 2PCMag
Претходна статијаПрезентација на Европски навики за плаќање во 2019 година
Следна статијаSony претстави два нови телефони со одлични камери и одлични OLED екрани
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.