Google оваа недела ја претстави 87-та верзија од Chrome, која според нив ги донесува досега најголемите подобрувања на перформансите после повеќе години. Главниот конкурент на Chrome, иако далеку според бројот на корисници, Firefox од Mozilla, нема да остане незабележан оваа недела со нивната 83-та верзија која исто така донесува значајни новини.

Mozilla Firefox 83 доаѓа со подобрување на перформансите, поточно на брзината како што истакнуваат од Mozilla. Подобрувањето доаѓа преку надградба на нивната SpiderMonkey JavaScript технологија која ќе донесе подобрување на брзината на отворање на веб страните од 15%.

Прелистувачот исто така ќе добие и намалување на користењето на меморијата на компјутерот од 8%, што само ќе го направи уште подобар овој прелистувач кој не ни имаше проблем во оваа област, за разлика од неговиот главен конкурент.

Firefox 83 донесува уште една новина која може слободно да се препише на тоа каков прелистувач е Firefox, односно за што се залага Mozilla, а тоа е безбедноста и приватноста на своите корисници. Во прилагодувањата на Firefox сега може да се вклучи новата функција „HTTPS-Only Mode“.

Со овој режим, Firefox ќе ги отвара само страните кои имаат шифрирана комуникација, односно го користат HTTPS протоколот, додека тие што не го користат ќе бидат блокирани, а на корисниците ќе им биде објаснето зошто.

Најновата верзија од Firefox исто така донесува и подобрувања кај „picture-in-picture“ функцијата која сега овозможува „премотување“ на видеата со притискање на стрелките на тастатурата, а исто така прелистувачот доби и поддршка за „pinch to zoom“ на десктоп.

Firefox 83 веќе е достапен, па доколку не ви се има инсталирано автоматски, тоа можете да го направите самите.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.