Google Chrome оваа недела ја добива својата 87 и последна верзија за оваа година. Според Google, оваа верзија ја претставува најголемата добивка во перформансите после повеќе години. За таа цел овој најпопуларен интернет прелистувач има добиено повеќе промени во неговата позадина, а корисниците би требало да ги забележат подобрувањата.

Според Google, Chrome ќе го намали користењето на процесорот за дури 5 пати и ќе ја намали потрошувачката на батеријата на лаптоп компјутерите. Тестирањата на Google покажале дека оваа верзија од Chrome може да „издржи“ 1,25 часа повеќе.

Начинот на којшто Chrome 87 успева да ги постигне овие подобрувања е преку две нови функции наречени „Tab throttling“ и „Occlusion tracking“. Во основа, Chrome сега ќе може да ги приоретизира активните табови, а да ги ограничи заднинските, а исто така ќе може да процени кои табови не се во видното поле на корисникот, односно се на страна или се минимизирани.

Од Google истакнуваат дека со ограничувањето на скриптите на табовите кои корисникот не ги користи во моментот, се доаѓа до петкратното подобрување на перформансите, а сето тоа без да се има влијание на известувањата или пуштената музика и слично, од тие табови.

Google Chrome на мобилните исто така добива таканаречено „back/forward“ кеширање. Ова значи дека кога ќе корисникот ќе отвори некоја страна, при враќање на претходната, истата нема повторно да се отвора, туку ќе остане отворена и веднаш ќе се прикаже. Оваа новина постепено ќе се подобрува како што ќе се прават подобрувања.

Google Chrome 87 добива и можност за пребарување на отворените табови, нешто што е во главно корисно за корисниците кои функционираат со голем број на отворени табови и прозори. Со притискање на ново достапно копче, се прикажува листа од табовите, а на почетокот е поставена лента за нивно пребарување.

Најновата верзија од Chrome исто така донесува можност за внесување на команди во лентата за адреси, со што корисниците ќе можат побрзо да извршат одредени работи како бришење на историјата на сурфање, отворање на „таен“ прозор, надградба на Chrome и повеќе.

Последната новина која е дел од оваа поголема надградба на Chrome вклучува нови „картички“ кои ќе се прикажуваат под листата со најчесто користените страни на нов таб, кои ќе им овозможат на корисниците да продолжат со тоа што го имаат правено. Овие картички ќе бидат пуштани зависно од тоа што корисникот го има правено претходно.

Овие новини во главно ќе можат да ги забележат корисниците кои функционираат со поголем број на отворени страни, а тие кои отвораат по една или неколку сепак нешто помалку ќе имаат корист од овие новини.

Сепак, од Google истакнуваат дека Chrome генерално треба да функционира побрзо, односно побрзо да се стартува и побрзо да ги отвора страните.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.