Strava, апликацијата која е можеби најпозната во својата категорија, најави дека за своите корисници ја воведува можноста за комуникација преку пораки. Тоа значи дека корисниците, кои веќе ја имаат можноста да се следат едни со други на апликацијата, сега ќе можат и да почнат да комуницираат директно преку Strava.
Ова како можност е доста важна за тие кои ја користат активно оваа апликација и своите спортски активности ги договараат со своите пријатели. За тоа тие веќе нема да мора да ги користат другите апликации, како Messenger, Viber и слични, па комуникацијата ќе можат да ја прават директно во апликацијата која ја користат за организација на активностите.
Разговорите во Strava ќе можат да се прават еден на еден, но достапни се и групни разговори. Корисниците ќе можат да споделуваат активности директно во разговорите, а тука се и стандардните реакции.
Со оглед на тоа што Strava функционира слично како Instagram или X, кога се во прашање пријателите, односно корисниците можат да се следат, но не стануваат автоматски пријатели доколку едниот заследи, достапни се и прилагодувања за тоа кој може да испрати порака на кого.
Корисниците ќе можат да изберат да добиваат пораки од корисниците кои тие ги следат, од корисниците со кои заедно се следат или од никого. Слични прилагодувања има и за групните пораки.
Од компанијата истакнуваат дека нивната апликација ја користат повеќе од 100 милиони корисници, па оваа новина секако е доста важна и го привлекува вниманието.