skype-drawing

Skype денеска претстави нова верзија (2.24) за корисниците на Windows Phone 8 и 8.1. Оваа верзија ја донесува можноста за цртање во пораките, нешто што е достапно кај другите слични апликации. Цртањето може да се направи на три начина, односно можете да цртате на празна површина, на некоја слика од вашата галерија, како и на Bing мапите.

Она што е нестандардно во овој случај е што првпат се случува да некоја новина на Skype биде воведена прво на Windows Phone платформата. Иако се работи за апликација во сопственост на Microsoft, корисниците на оваа платформа често се жалат дека последни ги добиваат најновите функции. Со тоа се поставува прашањето зошто другите би правеле повеќе и подобри апликации за Windows Phone, кога тоа не го прават ниту од Microsoft.

sky14_scr_wp8_ver2-24_15to9_port_drawingsharing_en_72dpi

Информација за тоа кога оваа нова функција ќе биде достапна за другите платформи, односно за десктоп, Android и iOS, се’ уште не е објавена.

Покрај воведувањето на цртање, новата верзија на Skype за Windows Phone вклучува уште неколку новини. Најавувањето на апликацијата сега ќе може да се прави автоматски кога се најавувате со вашата Microsoft сметка која што ја користите и за најавување на самиот телефон. Исто така вратена е можноста за најавување и со Skype сметката, нешто што беше тргнато во поновите верзии. Skype исто така добива поддршка за HD екрани, па доколку имате телефон со поголем екран и резолуција, апликацијата треба да изгледа подобро.

Една од поголемите критики на Skype од страна на корисниците на Windows Phone е бавноста при вклучување и продолжување на апликацијата од позадина. Со оваа верзија брзината е значително зголемена, па во одредени случаи Skype се вклучува инстантно без досегашното Loading чекање.

Извор: Skype, WPCentral, The Verge

Претходна статијаЗемјините полови можат наскоро да си ги сменат местата
Следна статијаiOS 8.1 достапен за корисниците, донесува поддршка за Continuity и Apple Pay
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.