Уште една компанија, засега неофицијално, сака да влезе во бизнисот на TikTok, а со тоа и да ја спаси оваа апликација од блокада која беше одложена за 75 дена од страна на претседателот Трамп.
Perplexity AI наводно веќе има пуштено предлог до ByteDance за формирање на нова компанија која ќе ги спои TikTok и Perplexity, а истата ќе вклучува и други инвеститори.
Според информациите, на овој предлог не било одговорено, па сега од компанија поднеле нов предлог кој ја вклучува и американската влада. Повторно се предложува формирање на нова компанија која би имала сопствеништво врз Perplexity AI и TikTok, но овој пат се додава и инвестиција од страна на владата во вредност до 50% од компанијата.
Според TechCrunch, оваа информација е точна, односно и нивни извори ја имаат истата информација.
Предлогот од страна на Perplexity AI истакнува дека американската влада не би имала глас во новата компанија, а исто така би немала ни член на одборот на директори.
ByteDance би можеле да задржат одреден процент на сопственост врз компанијата, како и врз нивниот алгоритам кој не би бил дел од новата компанија.
Американската влада доаѓа како можен инвеститор од една страна поради планот кој го најави Доналд Трамп, а од друга страна поради огромната сума која би требало да биде платена на ByteDance за TikTok која според информациите оди и до 300 милијарди долари.
Оваа недела можевме да прочитаме и за Oracle како можни купувачи на TikTok, кои беа во игра и минатиот пат кога Трамп беше за блокирање на апликацијата доколку не биде продадена на американска компанија.
Сепак, Трамп ја негира оваа информација и тврди дека нема никакви разговори со оваа компанија.
Што би се случувало со TikTok надвор од САД доколку навистина се изнајде некое вакво решение, засега не е познато. Дали новата компанија ќе се користи за целиот свет, освен Кина или сепак ByteDance ќе продолжи да ја води апликацијата надвор од САД.