Пред две недели, преку разгледување на кодот на тест верзиите од Windows 11, беше откриено дека Microsoft работи на нова и редизајнирана верзија од веќе стариот File Explorer. Оваа апликација која ја користат сите корисниците, без разлика за што го користат нивниот компјутер, веќе одамна и е потребен редизајн, а добро е што барем минатата година ја доби една од најмногу бараните функции, табови.

Сега дечките од Windows Central објавија ексклузивна слика од новата верзија од File Explorer, па иако истата може да претрпи измени до официјалното пуштање, сега можеме да имаме претстава што да очекуваме од редизајнот.

Од сликата може да се види дека File Explorer нема да добие драстичен редизајн, односно ќе ја задржи основата на изгледот, што значи дека на повеќето корисници ќе им остане позната апликацијата и лесна за користење.

Промените се во повеќе делови во апликацијата кои кога ќе се разгледаат подобро, прават голема разлика, иако не ја менуваат суштината на апликацијата. Додатно, промени има во датотеките кои се прикажуваат, а очекувано зголемена е интеграцијата со OneDrive и Microsot 365.

Промена во изгледот може да се забележи во горната лента, односно во двете ленти на горниот дел. Елементите кои се прикажуваат сега се комбинирани во една лента, додека дел од нив се префрлени во делот каде што се прикажуваат датотеки, што е и логичен избор.

Во делот на датотеките може да се видат поголеми слики од предложените датотеки, кои обично се дел од OneDrive и Microsoft 365. Подолу се гледаат новините кои веќе се дел од моменталната верзија од File Explorer, односно корисниците ќе можат да прикачуваат датотеки, а ќе може да ги гледаат и тие кои ги имаат отворено скоро.

Според информациите, Microsoft работи и на можност за кратко прикажување на поголем приказ од сликите со поминување врз нив со маусот, нешто што е доста корисно и го има во слична форма на macOS.

Новата верзија од File Explorer се очекува да биде пуштена до крајот на годината, а поради тоа се очекува во тест верзиите од Windows 11 наскоро или барем до летото.

ИЗВОРWindows Central
Претходна статијаMicrosoft потврди проблем со пристап до нивните сервиси во целиот свет
Следна статијаШифрираните разговори во Messenger надградени со дополнителни функции кои се достапни кај обичните разговори
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.