Нова можност, која Microsoft ја најави уште во 2021, станува дел од Microsoft Teams апликацијата. Корисниците ќе можат да креираат сопствен „аватар“, нешто што е доста популарно кај апликациите за разговори со години, па со тоа да учествуваат во конференциите без да мора да го покажат своето лице.
Аватарот ќе биде анимиран, односно нема да биде само слика која ќе стои на местото на корисникот. Движењата ќе бидат направени да реагираат на гласот на корисникот, па тоа би значело дека треба да се препознае „расположението“ и соодветно да се прилагоди аватарот.
Колку би се сметало вакво нешто за доволно професионално да се користи на конференции, не сме сигурни, но останува на корисникот да процени кога е во ред, а кога не да го постави својот аватар наместо лично да се приклучи со камерата.
Оваа новина треба да стане дел од Microsoft Teams од мај оваа година.