Microsoft доста се потруди да на пазарот има сериозен интернет прелистувач, по тргањето од Internet Explorer. Уште и е тешко на компанијата да ја тргне сопствената поврзаност со овој стар прелистувач, но сепак мора да се признае дека Microsoft Edge направен на основа на Chromium кодот е еден од најдобрите прелистувачи на пазарот.

Покрај тоа што сега Edge конечно е компатибилен со сите веб страни, за разлика од тоа кога работеше на сопствена технологија, Microsoft има додадено доволно сопствени функции кои го прават прелистувачот вреден и привлечен за користење.

Сепак, овој став не го делат повеќето корисници кои продолжуваат да го користат прелистувачот број 1 на пазарот, Chrome од Google. Овој прелистувач се’ уште држи над 70-80% од пазарот, па очекувано е дека конкурентите ќе се обидат некако да го привлечат вниманието.

За разлика од останатите, Microsoft има прилично уникатен начин да се обиде да влијае на корисниците, поради масовното користење на нивната платформа, Windows. Тоа значи дека повеќето корисници кои го користат Chrome, тоа го прават преку компјутер кој работи на софтвер од Microsoft, кој доаѓа со пред-инсталиран Edge.

За да го симнат Chrome, корисниците мораат да го вклучат Microsoft Edge, а ова често е и предмет на шеги во стилот дека Edge е најдобриот прелистувач преку кој може да се симне Chrome.

Microsoft сега започна со прикажување на лента со информации, односно „попап“, кога корисниците ќе ја отворат страната за симнување на Chrome преку Edge. Информациите се во правец на демотивирање на корисниците да го симнат Chrome и да му дадат шанса на Edge.

Фото: Neowin.com

Пораките кои ги кажува Microsoft се до некаде неочекувани и на граница на шега дури, па така тие покрај тоа што имаат стандардни пораки како „Microsoft Edge работи на истата технологија како Chrome, со додадената доверба на Microsoft“, имаат и пораки како „Овој прелистувач е толку 2008! Дали знаете што е ново? Microsoft Edge“.

Google користат слична тактика да ги привлечат корисниците да го симнат Chrome, па сигурно имате забележано порака која ве кани да го направите тоа кога ќе отворите некоја страна од компанијата.

Во случајот со Microsoft, пораките се вградени директно во Edge, односно не се дел од веб страните.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Neowin
Претходна статијаЗапочнува Yearly Edy Summit 2021 кој ќе се одржи од 6и до 9ти декември
Следна статијаMicrosoft ќе овозможи мала промена на поставеноста на Старт менито во Windows 11
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.