После цела година во која Microsoft не ја ажурираше својата позната апликација SwiftKey на iOS, очекувано најави дека се откажува од развојот на истата. Развојот си продолжува на Android, но корисниците на iOS остануваат со еден добар избор помалку.
Сега од компанијата се премислија, па апликацијата повторно е достапна на App Store, по нејзиното тргање на 5 октомври. Верзијата на SwiftKey уште е таа старата, односно не ажурирана повеќе од една година.
Враќањето на апликацијата е официјално потврдено од страна на вработен во Microsoft, а најавени се и нови функции. Тоа значи дека може да се очекува средување на одредени критики кои ги имаше SwiftKey поради недостатоците во споредба со Android верзијата.
Тоа што ние го очекуваме е конечно додавање на македонска поддршка, нешто што одамна го има на Android, но не и на iOS верзијата.
Инаку, SwiftKey е апликација која ја менува стандардната софтверска тастатура на телефоните и таблет компјутерите. Microsoft ја купи во 2016 и продолжи да биде една од најпопуларните вакви апликации, а во главно поради одличната способност да го предвиди пишувањето на корисниците и да ги даде саканите предлози.
Враќањето на SwiftKey на iOS е една од подобрите вести за корисниците во оваа област.