Апликациите од Microsoft кои се дел од Windows ќе добијат нов изглед исто како и оперативниот систем, односно сите ќе бидат редизајнирани во стилот на Windows 11. Од тоа што досега можевме да го видиме, редизајнот кај некои апликации ќе биде минимален, додека кај други ќе донесе вистинско освежување.

Од компанијата во текот на вчерашниот ден го прикажаа, иако кратко, новиот изглед на познатата Paint апликација. Новата верзија ќе им стане достапна на корисниците на Windows 11 преку Windows Insider програмата, моментално единствен начин да се користи овој систем, наскоро.

Од тоа што може да се види во краткото видео, Paint нема да добие некои нови функции, барем не во оваа фаза, па новина е само освежениот изглед кој е целосно усогласен со Windows 11.

Paint не е апликација која ја користат тие кои работат со фотографии и слично, но е одлична за брзи и кратки промени кај сликите за корисниците кои немаат инсталирано друга апликација. Тука е секако и делот за тие кои знаат да цртаат или само сакаат да „шкртнат“ нешто за занимација.

Новиот дизајн изгледа одлично, а тоа можеби и не беше тешко да се постигне со оглед на застарениот дизајн на апликацијата кој не беше променет, барем не повеќе, уште од самиот почеток.

Пред неколку години дури беше најавено дека Microsoft ќе го прекине развојот на Paint, тогаш мислејќи дека новата Paint 3D ќе привлече многу повеќе внимание кај корисниците. Сепак, после критиките од компанијата го променија правецот, па сега Paint 3D е таа која веќе нема да биде развивана, а не е ни дел од Windows 11.

Една новина сепак ќе биде дел од новиот изглед кај Paint, а тоа е поддршката за темната тема на системот, нешто што во Windows 11 ќе го имаат сите апликации од Microsoft.

Исто така, со новиот дизајн се добива и поголема практичност и достапност на алатките во Paint, па корисниците кои сепак ја користат апликацијата, сигурно ќе имаат подобро корисничко искуство.

ИЗВОРWindows Central
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаGoogle ќе престане да дозволува најавување на нивните апликации на корисниците на навистина стари Android телефони
Следна статијаАлександра Андреева: Новите мерки за заштита од вирусот се неспроведливи
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.