После долго време на најави, чекање и шпекулации, официјалната Instagram апликација е конечно достапна за корисниците на Windows Phone 8 платформата. Апликацијата е сеуште со бета ознака, па иако ги има повеќето функции на своите Android и iOS верзии, сепак недостасуваат неколку.
Можноста за снимање и прикачување на видео во оваа верзија не е достапна, како и сликањето на слики директно преку апликацијата. По притискањето на копчето со камера, имате можност да изберете слика од вашата Camera Roll папка, а имате и можност да ја покренете камерата која што автоматски ја превзема сликата по сликањето и ги имате сите филтри на располагање пред да ја споделите.
Апликацијата го има стандардниот Instagram изглед, кој што одлично е вклопен во „модерниот“ стил на дизајн карактеристичен за Windows Phone. По отворањето прво што гледате е почетниот екран со сите најнови слики од луѓето што ги следите. Со повлекување лево и десно или со притискање на иконите во горниот десен агол, имате пристап и до Explore, Notifications и Profile лентите. Сликите можете да ги споделите на повеќе социјални мрежи, исто како и на другите верзии од Instagram на другите платформи.
Како што напомнавме, апликацијата е во бета верзија, па се очекува постепено сите функции да бидат достапни во наредниот период. Instagram beta можете да ја симнете на следниот линк.