fit_hero_1

Google денеска ја претстави фитнес апликацијата Google Fit. Слична на Apple HealthKit по функциите, наменета е да биде едно централно место каде што можете да ги следите информациите поврзани со вашите фитнес активности во текот на денот.

Google Fit активно ги следи вашите чекори во текот на денот, трчањето, како и возење на велосипед. За тоа ги користи стандардните сензори кои што се вградени веќе во секој паметен телефон. Информациите се прикажуваат на апликацијата која што е достапна за Android телефоните и таблет компјутерите, а исто така преку посебната веб страна. Тие се организирани според видот на активност, а исто така се прикажани и во форма на графикони.

Покрај тоа што можете да следите статистики за активностите, достапна е и можноста за поставување на цели, како на пример колку чекори во текот на денот да поминете. Со тоа апликацијата ќе стане и еден вид на фитнес потсетник кој што треба да ве мотивира во остарувањето на вашите фитнес цели.

google-fit-screens

Исто како и HealthKit, други фитнес уреди и апликации може да се поврзат на Google Fit, со што информациите од нив ќе бидат прикажани на оваа апликација. Со тоа добивате едно централизирано место за следење на фитнес статистиките, без разлика која апликација или уред го користите.

Google Fit е компатибилен и со Android Wear уредите, односно паметните часовници кои што работат на оперативниот систем од Google. Покрај нив, системот е компатибилен, односно ги подржува и Strava, Withings, Runtastic, Runkeeper и Noom Coach апликациите и уредите.

Фитнес уредите и апликациите се веќе одамна популарни, а оваа година станаа уште повеќе со претставувањето на повеќе модели од паметни часовници и соодветни апликации и системи. Тоа е разбирливо со оглед на времето во кое што живееме и недостатокот на физичката активност која што е карактеристична за повеќето луѓе. На овој начин секој се обидува да се мотивира и да ја подобри својата активност во текот на денот.

Google Fit апликацијата е достапна во Play продавницата и може да ја симнат сите корисници на Android 4.0 и понов. На веб може да пристапите преку следниот линк.

Извор: Android Blog, The Verge, Engadget

Претходна статијаWindows 10 со нови тракпад гестови
Следна статијаApple SIM: Една картичка за сите оператори
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.