Во Canary верзијата од Chrome, Google започна со тестирање на нова функција наменета за подобрување на приватноста на корисниците. „IP Protection“, како што може да се заклучи од самото име, функционира преку сокривање на IP адресата на корисниците од страните, како еден од начините кој се користи за нивно следење со цел прикажување реклами.
Од компанијата истакнуваат дека за да ја користат оваа функција корисниците треба да се најавени на Chrome, а потоа истата ги ограничува работите кои „тракерите“ можат да ги видат додека корисникот ги отвора различни страни.
Додека страната се отвора, дел од барањата за содржина се пренасочуваат кон сервери наменети за приватност, истакнуваат од Google.
Засега нема подетални информации за тоа како точно ќе функционира IP Protection, како на пример кои се серверите кои се користат, дали комуникацијата помеѓу нив е шифрирана и слично.
Оваа новина се додава на Tracking Protection функцијата која започна со пуштање на почетокот од годината, а која во основа ги исклучува колачињата од трети страни за корисниците на Chrome.
Со ова Chrome треба да стане повеќе приватен прелистувач, иако најголемите критики доаѓаат за можноста која ја има Google за следење, па тргањето на истата за останатите огласувачи, може и да не го решава овој проблем целосно.