Како што беше неколку пати најавено, Google започна со исклучување на „колачињата од трети страни“ за 1% од нивните корисниците на Chrome. Овој процес започна на 4 јануари оваа година, а треба да се прошири на сите корисници до крајот на годината.
Од Google оваа новина ја нарекуваат официјално „Tracking Protection“, иако тоа може да ги збуни корисниците со оглед на тоа што нуди многу помалку од истата функција кај конкурентите кои блокираат „следење“ врз основа на цели листи и други фактори.
Доколку сакате да проверите дали сте дел од тие 1% од корисници на кои им е вклучена оваа новина, истото можете да го направите на неколку начини.
Наједноставниот е да забележите дали на некои веб страни ви се појавува икона од „око“ во лентата за адреси. Доколку ја притиснете истата ќе видите повеќе информации, а насловот ќе го носи името Tracking Protection. Преку оваа икона може да се вклучат колачињата доколку страната не функционира како што треба.
Друг начин на којшто може да се провери е притискање на иконата лево од веб страната, каде се достапни повеќе информации, а една од опциите е Tracking Protection.
На крајот, во Settings > Privacy and security делот за „колачиња“ сега го носи името Tracking Protection, а во овој нов дел достапни се повеќе информации и можности за прилагодување.
Доколку сакате самите да ја вклучите оваа функција, истото можете да го направите преку „chrome://flags/#test-third-party-cookie-phaseout“ и вклучување на можноста.
Интересно во сето ова е што можноста да се исклучат „колачињата од трети страни“ е одамна достапна, па корисниците можат само да ја вклучат. Овој нов начин на нарекување на можноста е повеќе дел од Privacy Sandbox која овозможува прикажување на релевантни реклами, но со поголема приватност за корисниците.