google-allo

На Google I/O конференцијата која се одржува оваа недела, од компанијата покрај другото, претставија и две нови апликации за комуникација. Се работи за апликацијата Allo, која е наменета за разговори и Duo, која е апликација за видео повици.

Allo е претставена како паметна апликација за разговори која е основана на технологиите кои ги развива Google со години. Ова е и трендот кај повеќето конкуренти, па не е за изненадување.

Апликацијата е прилично едноставна кога се работи за корисничкиот интерфејс, како и достапните функции. Истата функционира на база на телефонскиот број на корисникот, како и Google сметка.

Google оваа апликација ја презентира како паметна поради акцентот којшто е ставен на системот за предвидување и препорака на тоа што би сакале да го напишете во разговорот. Тоа го прави учејќи ги вашите навики, а од компанијата даваат пример дека системот учи дали сте човек којшто одговара со хаха или со лол, на пример.

Поинтересно, апликацијата го користи и системот од Google за препознавање на сликите, па и врз основа на тоа да даде препорака за одговор. На пример, доколку добиете слика од куче, апликацијата ќе ви предложи одговори коишто би било очекувано да ги дадете за таква слика. Друг пример е слика од храна, за којашто се добива предлог да одговорите со „Ммм вкусно“ и слично.

Апликацијата исто така го вклучува и Google асистентот, односно системите од Search, YouTube, Translate и слично. Сите овие ресурси може да бидат повикани и искористени во разговорите за добивање на повеќе информации, правење резервации и слично.

Duo е уште поедноставна апликација чија единствена намена е правење на видео повици. Од Google истакнуваат дека повиците треба да имаат одличен HD квалитет којшто работи на основа на добра оптимизација на мрежата која ја користи корисникот.

При добивање на повик, се прикажува кратко претходно снимени видео од корисникот, по што се вклучува видеото во живо кога ќе започне повикот.

Двете апликации ќе им бидат достапни на корисниците на Android и iOS од ова лето.

Извор: Google, VB, Gizmodo

Претходна статијаAndroid N на Google I/O – што ново донесува оваа верзија ?
Следна статијаFujitsu разви ВИ кој може да лови криминалци (и обични луѓе)
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.