490006150-ed

Денешните модерни градови се огромни суперсложени зданија со наизглед бесконечен број на улици, улички, згради, автомобилски, автобуски и возови линии, мостови, реки… Совршената џунгла за некој криминалец, нели?

На пример, ако некој обие во продавница потоа ако е паметен ќе може да се изгуби навремено по некоја непредвидлива патека (под услов да не му е видено лицето на камера), оневозможувајќи на полицијата да го пронајде.

Изгледа дека на таквите времиња им доаѓа крајот или барем шансите за тоа се намалуваат значително. Имено, се работи за нов СИ софтвер на Fujitsu кој е развиен во соработка со јапонскиот Универзитет за електрокомуникации и овозможува „ловење“ на криминалците низ градот.

Секако, софтверот нема можност да одреди каде точно се наоѓа криминалецот, но одредува со голема точност каде би можел да биде и каде би требало да се постават полициски барикади или да се праќаат полицајци за да се провери да не е случајно таму. Тоа значително ќе ги намали ресурсите кои се потребни на полицијата за да пронајдат криминалци.

Софтверот ова го постигнува преку користење на теорија на игри на многу сложено ниво – брканица низ град. Сè уште не се знае дали софтверот ќе ги користи безбедносните камери како помош во сопствените активности, но не би ме зачудило.

Значење по приватноста

Сепак, ваквиот „револуционерен“ софтвер кој може да лови „криминалци“ ќе може да се употреби со уште поголема ефикасност да лови регуларни луѓе. Тој, во соработка со безбедносните камери и други информации кои луѓето ги оддаваат преку нивните телефони или користењето на картичките за плаќање и слично, ќе може да одреди каде би се наоѓал скоро секој човек во еден град. Секако, за овие „можности“ Fujitsu нема да напише во своите вести со кои се фали за софтверот.

Дали подоброто ловење на криминалци е вредно да живееме во постојана помисла дека властите можат автоматизирано и без дискриминација да знаат каде сме, што правиме и со кого се дружиме? Размислете добро, времето се скратува за одговор.

Дополнителни информации: Engadget, MSN, UberGizmo

Претходна статијаGoogle претстави нова апликација за разговори и апликација за видео повици
Следна статијаLenovo најавува нов Motorola RAZR телефон?