При крајот на минатиот месец, Брендан Ајк, коосновачот на Mozilla и кратко време нејзин директор, го најави својот нов интернет прелистувач чија што главна одлика треба да биде вграденото блокирање на реклами и подобрената приватност за корисниците.

Прелистувачот го носи името Brave, а од оваа недела е достапен за симнување, меѓутоа во тест верзија наменета во главно за програмерите и ентузијастите коишто би сакале да го пробаат.

Поради се’ уште раната развојна фаза прелистувачот е прилично едноставен и со мал број на достапни прилагодувања. Неговите развивачи даваат големо значење на брзината со којашто би требало да ги отвора страните, па на секоја страна во лентата за адреси е достапно времето коешто било потребно за отворање на истата.

Во брзината на работење, како и компатибилноста со веб технологиите придонесува и тоа што Brave е развиен на основа на Chromium проектот со отворен код, на чија основа е направен и Google Chrome, но и многу други прелистувачи.

brave-screen

Brave има неколку интересни карактеристики коишто се истакнуваат при неговото користење. Табовите коишто се отвораат ја прилагодуваат својата боја зависно од боите на веб страната којашто е отворена.

Исто така, може да се изберат од 6 до 20 отворени табови, по што тие се поделени во посебни страни, наместо да се намалува нивната големина до степен кога веќе не може да се распознае кој таб за која страна е.

Исто така, многу практично и интересно е направено решението за брз преглед на табовите (tab preview) со поминување на маусот врз саканиот, но моментално не отворен таб. Наместо прикажување на неговата содржина во мал квадрат како повеќето други, Brave ја прикажува страна целосно со мало затемнување кое треба да означи дека не сте на тој таб. Со тргање на маусот од тој таб, се враќа погледот на моментално активниот таб.

brave-menu

Во оваа верзија може да се види и менито коешто ја претставува главната карактеристика на прелистувачот. Корисниците може да изберат блокирање на постојните рекламите и нивна замена, целосно блокирање на рекламите и дозволување на рекламите и „следењето“ коешто доаѓа со нив.

Ова е нешто со коешто од Brave се надеваат дека ќе ги привлечат корисниците. Покрај тоа што прелистувачот треба да работи побрзо поради блокирањето на рекламите, со тоа се блокира и следењето коешто се прави со цел овозможување на персонализирани реклами.

Рекламите коишто би биле прикажувани во иднина од страна на Brave се истакнува дека нема да ги следат корисниците, а персонализирањето ќе се прави само врз основа на историјата на сурфање во самиот прелистувач.

Brave прелистувачот е достапен за скоро сите платформи, односно на Windows, OS X, Linux, како и на iOS и Android. Моментално на страната не е достапен само линкот за Linux, меѓутоа можете да го симнете преку следниот линк.

Претходна статијаJolla и Intex претставија нов Sailfish OS смартфон на MWC
Следна статијаДигитална приватност – философија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.