Преку најава на блогот за Android програмерите, Google најави подобрување на откривањето на апликации во Play Store кои имаат „виџети“. Корисниците сега ќе можат да ги бараат овие апликации конкретно, а ќе им биде овозможен и посебен дел само за нив.
Google откри три новини кои наскоро ќе станат дел од Play Store, а се поврзани со ваквите апликации. Во делот за пребарување на апликации, сега ќе има нов филтер наменет за пребарување на апликации со „виџети“.
Покрај ова, апликациите кои ги вклучуваат овие мали картички со информации и контроли за главниот екран, ќе бидат посебно означени, односно ќе биде додадена нова ознака во деталите од апликацијата.
На крајот, Google најави и посебен дел за апликациите со „виџети“, па корисниците ќе можат да откриваат и нови апликации, не само да ги бараат, кои се истакнати од страна на компанијата.
Во најавата стои дека оваа новина може да се очекува наскоро, па изгледа останува истата да ја забележиме во Play Store кога ќе биде официјално пуштена.