Фото: Shutterstock.com

Google работи на развој на друга верзија од нивната генеративна вештачка интелигенција и јазични модели. Ова доаѓа после не толку добрите реакции на Bard, алатка која и така делуваше дека брзо и задоцнето е пуштена.

Оваа информација веќе можевме да ја прочитаме, а сега истата е дополнета од извори на The New York Times. Според нив, покрај „паниката“ за која читавме уште од пуштањето на јавната верзија од ChatGPT при крајот на минатата година, па подоцна најавите и интеграцијата на технологијата во Bing, имало уште една причина за сериозна загриженост.

Причината за најновата паника, како и мотивација за развој на нови јазични модели, била размислувањето на Samsung дали да почне да го користи Bing наместо Google како стандарден пребарувач кај нивните уреди. Со оглед на тоа што Samsung има огромен број на смартфони, а тука се и таблет и лаптоп компјутерите, во прашање се доведуваат приходи од 3 милијарди долари, според информациите.

Samsung немаат донесено одлука за промена на главниот пребарувач, па остануваат големи шансите да тие продолжат да функционираат со Google.

Може да се каже дека ова е првпат Google да бидат во ваква позиција. Тие го држат првото место во светот со над 90% удел, но оваа бројка лесно може да се намали, а дури и неколку проценти може да значат повеќе милиони, па и милијарди долари на приходи.

Според The New York Times, новиот јазичен модел кој ќе дојде со нови функции моментално како проект се нарекува Magi и се верува дека за некој месец треба да им стане достапен на ограничен број на луѓе во САД, а до крајот на годината се очекува проширување на пристапот до 30 милиони корисници, повторно не толку масовна достапност.

Очигледно е дека Google се доста затекнати од развојот на работите на пазарот. Тие можеби се предводници во развојот на вештачка интелигенција, но изгледа тоа не било размислувано првенствено за интеграција во Search, барем не каква што направија Microsoft со Bing.

ИЗВОРTechSpot
Претходна статијаПрезентирани најновите иновации од младите умови во нашата заедница
Следна статијаЕлектронскиот гигант Јагео влегува во ТИРЗ
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.