online_privacy

Дигиталната приватност се повеќе добива на важност, но е се поредок комодитет поради големите напредоци во технологијата кои им овозможуваат на различни ентитети полесен пристап до информации за нашиот приватен живот, секако од различни причини. Некои го прават тоа поради „безбедносни“ причини. Некои гледаат да заработат од нашите лични податоци и што повеќе информации поседуваат за нас, толку подобро можат да ни го продадат својот производ. Други имаат цел да ни го украдат идентитетот или да добијaт пристап до нашите кредитни картички. Некои пак, едноставно го прават тоа од воајерски причини.

За среќа, има повеќе начини на кои можете да ја заштите вашата дигитална приватност и отежните пристапот до вашите лични информации или пак лозинки до профилите кои ги создавате на социјалните мрежи и e-mail адреси. Некои од нив вклучуваат употреба на посебни софтвер алатки. Други едноставно бараат негување на поефикасна лична „дигитална хигиена“.

Incognito пребарување

Приватното „сурфање“ е корисно за многу работи, иако има репутација на нешто што најчесто се користи за гледање порнографија. Со тоа што „вечно“ остануваме најавени на нашите омилени веб-страници, на секој што ќе му дозволиме да работи на нашиот компјутер му даваме слобода да пристапи до нашите лични профили создадени на Facebook или други веб-страници. Љубопитните луѓе секогаш ќе сакаат да „ѕирнат“ во нашиот приватен живот, а како подобро да го сторат истото ако не преку Facebook, каде што, меѓудругото, слеваме и информации кои преферираме да ги чуваме во тајност.

Преку било кој од достапните прелистувачи, можете да ја активирате опцијата „Incognito”. На овој начин, тие нема да ја сочуваат вашата историја на пребарување, како и лозинките кои ги внесувате на вашите лични профили. Исто така, откако ќе завршите со пребарување во Incognito, прелистувачот ќе ги избрише и интернет „колачињата“ кои ги памтат веб-страниците кои редовно ги посетувате. Оваа опција е помалку погодна за просечниот корисник, бидејќи изискува одново внесување на лозинката за пристап секој пат кога ќе се обидете да пристапите кон вашиот Facebook или друг профил. Сепак, ова е цена која вреди да се плати, доколку сакаме одредени наши информации и активности да останат приватни.

WhiteHat Aviator

Доколку сакате да ги имате на располагање сите опции споменати погоре вградени во вашиот прелистувач, тогаш препорачувам да му пружите шанса на Aviator, кој е најбезбедниот интернет прелистувач кој се темели токму на заштита на вашата приватност додека сте онлајн. Aviator го користи DuckDuckGo како својот основен пребарувачки софтвер, кој спротивно на Google, не ги следи вашите навики на пребарување и други онлајн активности. Дополнително, во Aviator е интегрирана и Disconnect, екстензија што ја спречува појавата на непосакувани интернет реклами кои можат да го заразат вашиот компјутер со вируси, што пак може да доведе до поголеми злоупотреби на вашата приватност. Disconnect исто така ви овозможува уреден преглед врз компаниите кои се обидуваат да извлечат податоци од вашиот прелистувач додека ги посетувате нивните веб страници.

Доколку не сакате да се заморувате со инсталирање на различни екстензии и апликации, тогаш Aviator во моментов е најсеопфатниот безбеден (и брз) интернет преслитувач кој можете да го користите.

Промена на лозинки

Дефинитивно најзанемарената грешка која ја прават голем број на интернет корисници. Ова е очигледно со оглед на тоа што најпопуларни лозинки во 2013 година кај интернет корисниците биле „123456“ и „лозинка“. Ако се земе во предвид фактот дека 40 проценти од лозинките спаѓаат во 100-те најчесто употребувани лозинки, станува јасно колкав процент на корисници спаѓаат во „ризична категорија“ кога станува збор за безбедноста која тие корисници ја имаат на интернет.

Најпрво, проверете колку се „силни“ вашите лозинки. За да го направите тоа, употребете ја оваа апликација, преку која ќе дознаете колку време ќе им треба на „хакерите“ да ја пробијат вашата лозинка. Оваа алатка е енкриптирана, а податоците што ќе ги внесете се бришат веднаш по завршениот тест. Откако ќе се вџашите од тоа колку малку време ќе им треба на натрапниците да ја пробијат вашата лозинка, генерирајте нова, посилна лозинка. За оваа цел, употребете го Diceware. Diceware е систем каде што генерирате силни лозинки преку фрлање на коцка, т.е зарови со што ќе добиете речиси непробојна лозинка. Diceware е нешто посложена од останатите алатки набројани погоре, затоа користете ја за работите кои ги сметате за најважни.

Дво-факторска автентикација

Дури и најсилните лозинки нема да ве заштитат доколку некој ја дознае вашата лозинка. Сепак, постои решение и за овој проблем. Дво-факторската автентикација овозможува уште посилна заштита со тоа што откако ќе ја внесете вашата лозинка за пристап, потребно е да внесете и код кој што го добивате преку SMS порака или мобилна апликација. Овој метод не е замена за силна лозинка, но овозможува додатна заштита и веќе се применува од Facebook, Google, Apple, Twitter, Microsoft и др. компании.

HTTPS Everywhere

Веб екстензија за Chrome, Firefox и Opera, чија цел е да го промени стандардот на енкрипција кој го користат најголемиот број на интернет компании и наместо HTTP, целосно да се префрлат на примена на HTTPS. HTTPS e интернет протокол кој овозможува безбедна комуникација помеѓу компјутерски мрежи, и генерално ја зајакнува безбедноста на веб-страниците, а следствено на тоа и безбедноста која ја уживаат корисниците кога ги посетуваат истите веб-страници. Нејзините креатори, Electronic Frontier Foundation (EFF) и Tor Project, имаат создадено водич за употреба преку кои самите корисници можат да го надоградат кодот со кој е создадена екстензијата и да ја направат уште побезбедна и да ја олеснат нејзината примена. Дополнително, преку оваа веб страница имате преглед на сите веб страници кои користат HTTPS.

Со преземањето на чекорите кои ги опишав во овој напис се откажуваме од дел од погодноста, т.е. леснотијата на употреба на одредени услуги на интернет. Не морате да ги користите сто проценти од времето. Понекогаш Google се наметнува како неопходна опција, поради нивниот квалитет. Внесувањето на лозинките при секое вклучување понекогаш е неизводливо, со оглед на бројот на услуги кои ги користиме секојдневно. Нема ништо погрешно во тоа. Не можеме целосно да бидеме заштитени и ќе останеме ранливи додека „сурфаме“ на интернет.

Најекстремниот чекор што можеме да го преземеме е целосно да се отстраниме себеси од дигиталниот простор и да избегаме во дивината каде што нема да бидеме најдени од никого. Верувам дека е мал бројот на луѓето што се подготвени да го сторат тоа, но тоа што можеме да го направиме е да го отежниме неовластениот пристап до нашите лични податоци. На тој начин изјавуваме дека нема да соработуваме со компаниите кои ја злоупотребуваат довербата која им ја даваме секојдневно. Уверен сум дека кумулативниот ефект на ваквите наши постапки ќе доведе до зајакнување на безбедноста која ја уживаме на интернет. Потребен е само проактивен пристап.

Извор: Lifehacker

Претходна статијаСоздаден е ласерски влечен зрак на микроматеријал
Следна статијаЗемјините полови можат наскоро да си ги сменат местата