Shutterstock.com

Во сржта на политичките позиции на Левицата е борбата за еднаквоста. Не само еднаквоста пред законите, туку и борбата за еднаква шанса за квалитетен живот за секого. Благородна цел, која всушност е прифатена во одредена мера од сите политички партии – разликата е во средствата/политиките како да се постигне целта. Шансата за квалитетен живот пак зависи од пристап до квалитетно образование, достапност на квалитетно здравство, отворени работни позиции по фер услови, итн.

Џон Ролс, еден од највлијателните филозофи на левицата, ги нарекува „примарни јавни добра“ кои секој ги посакува и кон кои секој треба да има пристап. Што значи дека истите треба да бидат бесплатни – односно на државна сметка, по можност да ја финансираат богатите. Нобеловецот Амартиа Сен додава на ова дека пристапот до одредени основни добра е неопходен за да изградиш способност да ги користиш можностите во животот.

Се на се, сите треба да имаат горе-доле еднаква стартна позиција. Оттука, разликите во богатството и успехот помеѓу луѓето се должи не на нивната индивидуална способност, среќа и труд туку на нееднаквите стартни позиции.

Секако, не е воопшто волку едноставна реалноста!

Пред извесен период (април 14, 2020) во Proceedings of the National Academy of Sciences тројца социолози од Универзитетот Принстон објавија интересна студија со наслов „Measuring the predictability of life outcomes with a scientific mass collaboration“. Студијата повеќе има за цел да тестира колку е издржано одредени политики (пр. во казнено-правниот систем или социјалните работи) да се базираат врз основа на модели кои користат вештачка интелигенција за предвидување. Социолозите вклучиле стотина истражувачи (статистичари, математичари, програмери, итн.) со задача да предвидат каков би бил животниот пат на одредени деца, домаќинства и родители врз основа на 13.000 податоци за над 4.000 семејства. Истражувачите користеле дел од податоците и имале слобода да изработат сопствени алгоритми со цел да ги предвидат животните патеки на луѓето.

Резултат? Никој од истражувачите не бил ни блиску до „разумно ниво на прецизност“, без разлика какви модели користеле. Интересно – и воопшто не е изненадување за оние што следат decision theory – „најразвиените техники за машинско учење не биле нешто посебно попрецизни од многу поедноставните методи“.

Како што е и образложена во анализата на студијата од страна на MIT Technology Review, „резултатите не значат дека алгоритмите за предвидување не се никогаш корисни за креирање политики.“. Но не значат и дека ако имаш податоци за одредени карактеристики или минати однесувања дека можеш да ја предвидиш и иднината.

Едноставно, животните шанси не се определени само од социјалната позиција на твоите родители. Ниту пак ако „се родиме сиромашни, не значи дека ќе умреме сиромашни“. Немаме сите еднаков старт и секако дека добро образование и здравство се суштествено важни, но: (1) во релативно капиталистички и либерални уредувања имаме голема слобода за реализација на дел од потенцијалот и (2) не е најјасно на кој начин е најдобро да се обезбеди добро здравство и образование за што поголем број луѓе (дали преку пазарните и непрофитните механизми или преку политичкиот/државниот/јавниот механизам).

Реалноста е далеку покомплицирана од она што сакаат да го прикажат партиско/идеолошките ботови.

Претходна статијаОстанете дома и управувајте со бизнис сметките преку Telekom MK апликацијата
Следна статијаБидете секогаш онлајн – нова понуда од 20 GB за постпејд корисниците на А1 Македонија
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.