Фото: Shutterstock.com

Откако заврши авантурата на Одмаздниците со Endgame, се почувствува празнина во тој универзум. Прашањето беше каде ќе тераат сега Марвел после кулминацијата на она што го градеа една деценија, уште од првиот Ајрон Мен во 2008 година.

Во меѓувреме, искочија повеќе трејлери и серии што најавија почеток на нова ера. The Eternals е нешто што се најавува како нова збирштина на суперхерои кои ќе добиваат и свои филмови во иднина. Наскоро ќе излезе и серијата со Локи. Тор, Црниот Пантер, Ент-Мен исто така ќе добијат свои продолженија во блиска иднина. Накратко, Марвел има план да ни ги полни главите со нови блокбастери уште многу години.

The Falcon and The Winter Soldier искочи пред некој месец со само шест епизоди во својата прва сезона. Сместена кратко по Endgame, серијата ги следи Баки (Winter Soldier) и Сем (Falcon) пост пензионирањето на Стив Роџерс, ака Captain America. Штитот е во рацете на Сем, со аманет од Кеп тој да ја продолжи неговата мисија и да ги брани послабите. Така и почнува TFTWS – Сем разговара со некој „тип во одело“ кој му нуди да биде новиот Кеп, ама Сем одбива. Тој смета дека местото на штитот е во музеј, а и нема баш самодоверба дека може да врши толку добра работа како Кеп.

Работите се усложнуваат кога Сем (спојлер алерт) дознава дека „луѓето во одело“ сепак се решени да си најдат нов Captain America. Тие го промовираат Џон Вокер како новото лице на Captain America и новиот носител на штитот на Америка. Има тука и плот со меѓународен тероризам во кој тандемот Баки/Фалкон имаат шанса да се пресметуваат со насилство (има доста сцени со акција), ама морам да кажам дека поинтересно ми беше да гледам како новиот Кеп се справува со улогата, и неговата интеракција со нашите двајца херои, кои се несреќни околу промената. Верни му се на стариот добар Captain America.

Хемијата меѓу Ентони Меки и Себастијан Стен е одлична. Можат комотно да тераат повеќе сезони ако успеат да смислат интересен развој на приказната. Марвел секогаш „плота“ кон нешто епско и првата сезона на оваа серија е само тизер за она што следува. Најбитното е што уште еднаш покажуваат колку, во споредба со DC, се мајстори во комбинирање на возбудлива акција и добар развој на ликови.

Претходна статијаFacebook ќе престане да ги отстранува објавите каде се тврди дека Sars-COV-2 е направен од човекот
Следна статијаНационален Стартап Самит: Северна Македонија е на вистински пат да стане регионален стартап хаб на Балканот