Фото: Shutterstock.com

Светот на финансии и капитализмот во САД е на сосема друго ниво од било кое место на Планетата. Токму 200годишниот развој на финансиите е еден од клучните фактори што САД се тоа што се денеска. Нема олигархија и големи газди кои лабаво си трупаат капитал и спијат мирно. Пазарот е немилосрден, вредноста на акциите реагира на секаква информација, а генералните директори може да летнат во било кој момент. Денес си на врвот, утре си на улица. Динамичен систем како никаде на светот.

Токму тоа моментално најдобро го чувствува првиот човек на Твитер, Џек Дорси. Имено, Дорси е ко-основач на Твитер и Генерален извршен директор (CEO) од 2015 г. Иако е омилен помеѓу голем број твитерџии, вработените на Твитер (па дури и кај Елон Маск), не секој мисли дека Твитер го остварува својот потенцијал (пр. цената на акцијата која откако е Дорси на чело на Твитер е падната за 6%; акцијата на Фејсбук пак има пораст од 121%).

И на сцена доаѓаат инвеститори-активисти. Ова се воглавно искусни луѓе од финансиската индустрија кои проценуваат дека одредена компанија има проблеми, купуваат акции/удел во истата и почнуваат да прават притисок за промени вклучително и промени во менаџмент. Токму тоа му се случува и на Твитер во моментов и работите се одвиваат со голема брзина.

Имено, познатиот хеџ-фонд Елиот Менаџмент Корп. предводен од Пол Сингер купи 4% од акциите на Твитер и веднаш почна да прави притисок за промени, со образложение дека Твитер не го остварува својот потенцијал. Инаку Пол Сингер го нарекуваат „the world’s most feared investor”. Со причина.

И додека ја напишам оваа колумна веќе Сингер побара промени во Одборот на директори на Твитер и испрати силна критика кон Дорси. И веќе сабајлево читам дека Твитер потклекна и се согласил да именува 3 нови директори во бордот и да воспостави посебна комисија за независно да го испита и оцени работењето на менаџментот. Сето ова се случува за пет работни дена! За возврат Твитер ќе добие инвестиција од 1 милијарда долари. Засега, Џек Дорси останува на кормилото.

Засега. Бидејќи веќе поставени се амбициозни таргети за Твитер и се подготвува план за негова евентуална замена. Ќе биде интересна година.

Поентата е што во динамичен капитализам, никој не може да си дозволи да дреме. А да, и Дорси се откажа од планот да оди во Африка пола година. :)

Претходна статијаХакери ја искористуваат популарноста на страни кои прикажуваат мапа од ширењето на коронавирусот
Следна статијаЗапочнува официјалната продажба: Од утре серијата Samsung Galaxy S20 достапна и во Македонија
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.