Историскиот тренд покажува дека само во последните 150 години, животниот век на луѓето се дуплирал, од 40 на 80 години. Компаниите од Силиконската долина сакаат да упаднат во овој природен процес, а целта им е да го продолжат животниот век на луѓето до 500, 1000 години, па дури и да им помогнат да станат бесмртни. Оттаму, во моментот постојат повеќе поединци, фирми и фондации кои напорно работат кон остварување на оваа цел. Некои од нив изгледаат реално изводливи, некои претерано амбициозни.

Metuselah фондацијата

Aubrey de Gray е со-основач на фондацијата Metuselah, која работи на тоа да им овозможи на луѓето не само долг, туку и квалитетен живот. Од фондацијата сметаат дека покрај продолжениот живот, еднакво е важно животот во подоцнежните години да биде исто квалитетен како и тој на просечниот 40-годишен човек. Еден од најголемите наши стравови е дека кога ќе остареме ќе им станеме товар на нашите најблиски, или пак дека ќе живееме во константна болка. Елиминирајќи ја причината за овој страв е нештото кон што цели de Grey. Поради тоа, тие сакаат да ја елиминираат појавата на најсмртоносните болести кои секоја година убиваат милиони луѓе. Grey верува дека првите луѓе што ќе живеат до 200 години се веќе живи, тука на оваа планета.

https://www.youtube.com/watch?v=APB7IbVwPr0

Проект Calico

Проектот Calico e доенче на Гугл, чија амбициозна цел е да го сопре стареењето. Имајќи ја поддршката на технолошкиот гигант, Calico не треба да се плаши од секнење на финансиите или недостигот од генијален научно-истражувачки кадар. Calico неодамна објави дека стапува во партнерство со фармацевтскиот гигант AbbVie за да развие и да воведе на пазарот нови лекови кои ќе ги таргетираат болестите кои доаѓаат со староста. Calico има тим од познати футуристи и етаблирани научници кои работат на откривање нови и ветувачки лекови со кои ќе се подобри квалитетот на човечкиот живот во староста. За амбициите на Calico говори и Лери Пејџ:

Една од работите за кои подолго време мислев дека е неверојатна е дека ако успееме да го решиме ракот, ќе додадеме околу три години на просечниот животен век на луѓето.

Далекусежната визија на Гугл отсекогаш била дел од нивната ДНК на оперирање. Оттаму, не зачудува тоа што Пејџ и Грин размислуваат за тоа што тие можат да сторат денес, што би вродило со плод за 10, или 20 години во иднината.

Иницијативата GF2045

Можеби најамбициозниот проект е GF2045 иницијативата, започната од рускиот милијардер, Dmitry Itskov. Иницијативата има неконвенционален пристап кон решавањето на проблемот со смртта (иако во принцип сите вакви обиди на ова поле се неконвенционални). Имено, наместо да бара начин како да го подобри функционирањето на човечките органи, или да ги отстрани заразените клетки од нашиот организам, иницијативата е насочена кон заменување на човечкото тело со роботски или холографски аватари. Itskov има намера ова да го оствари најдоцна до 2045 година.

Очигледниот проблем со овој план е неопходното пренесување на човечката свесност во овие тела. Кога се уште постојат несогласувања дури и во самото дефинирање на поимот свесност, тогаш како ли овие научници ќе успеат во реализацијата на овој план (идејата потсеќа на романот на Џон Скалзи,”Old Man’s War” во кој 75-годишни поединци ја пренесуваат својата свесност во супериорни, младешки тела кои не стареат)?

Мотивацијата на Itskov да ја направи смртта минато извира од тоа што тој, како и многу други луѓе, има премногу интереси, а премалку време за истите да ги реализира:

Секој пат кога ќе постигнам одредени резултати во некој нов спорт или хоби, сфаќам дека ако навистина сакам сериозни резултати, тогаш треба да ја направам оваа активност фокусот на целиот мој живот, на сметка на нешто друго исто толку интересно.

Пронаоѓање на фонтаната на младоста е нешто за кое сонуваат многу претприемачи од Силиконската долина. Сепак, нуспојава на бесмртниот живот е ризикот од пренаселеност на планетата земја, чија популација се очекува да порасне на 9 милијарди до 2050 година. Живеејќи во свет каде што никој не може да умре (барем не на природен начин) звучи кул, но проблемите би биле многубројни. Сиромаштија, глад, се само некои од проблемите со кои живеаат милиони луѓе. Прашање е како ќе се справи човештвото со истите проблеми доколку бројката на жители константно се зголемува, без воопшто да се намали. Едно е сигурно, со решавање на смртта, човештвото ќе го има сето време на светот да ги реши другите горливи проблеми со кои се соочува.

Претходна статијаAlgorithmia започнува со работа со повеќе од 800 спремни алгоритми
Следна статијаWindows 10 ќе биде достапен од ова лето со бесплатна надградба и за пиратските верзии