Од вчера има нов апдејт на апликацијата на Финансии #МојДДВ (апликацијата има над 200.000 инсталации и на месечно ниво се скенираат над 7,5 милиони сметки). Главната новина е интеграцијата на наградната игра во самата апликација. Имено, како што објасни Министерката, станува збор за:

…парични награди [за граѓаните] од скенирање на фискалните сметки дополнително од повратот кој е гарантиран и кој изнесува 15 отсто од ДДВ на фискалната сметка. Повратот ќе продолжи и во декември ќе биде направена првата исплата во износ од три милиони евра назад кон граѓаните, додека со наградната игра овозможуваме дополнително стимулирање и мотивирање на граѓаните да учествуваат во борбата против сивата економија…

Бидејќи ја користам апликацијата (кој ти дава 100 евра назад годишно?!), ја отворив и веднаш ми фати око еден мал проблем.

За да можеш да учествуваш во наградната игра мора да дадеш согласност за обработка на личните податоци (што е ок, стандард), но проблемот се појавува што МОРАШ да прифатиш твоите податоци да се користат/обработуваат и за промотивни/маркетиншки цели. Што станува збор за две различни цели и независни една од друга – ако не се согласуваш да ги користат твоите податоци за да ја рекламираат сопствената програма, не значи дека не сакаш да учествуваш – или дека не смееш да учествуваш!

Постојниот Закон за заштита на личните податоци е малку полабав кога станува збор за давање согласност за користење на лични податоци, но во секој момент се очекува да се донесе нов Законо со кој ќе се изврши целосно усогласување со новата Регулатива на ЕУ за заштита на личните податоци (т.н. GDPR од 2018). На кусо, GDPR воведува високи стандарди кога станува збор за согласноста на корисниците која мора да биде unambiguous, specific & with clear affirmative action. Уште поважно, генерално GDPR промовира практики на „грануална согласност“, односно посебна согласност за посебни цели.

Во конкретниот случај корисниците треба да имаат ИЗБОР дали ќе дадат согласност за обработка на нивните лични податоци, како и да дадат согласност дали се согласуваат нивните податоци да се обработуваат и за промотивни цели. Да речеме, две коцкички со две посебни прашања, а да е ок, да имаш право да учествуваш во наградната игра, само ако ја избереш првата коцкичка (согласност за генерална обработка на личните податоци со цел да може да те извлечат).

Едноставно, и логично, нема неопходност од двете согласности за да можеш да учествуваш во наградната игра.

Се надеваме дека од Финансии ќе го корегираат овој ненамерен пропуст во следната прилика.

Претходна статијаPlex го претстави својот бесплатен стриминг сервис
Следна статијаЕлон Маск почна да го вози прототипот од Cybertruck
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.