Секогаш сум расположен за добар sci-fi филм. Па така пријатно се изненадив кога дознав дека има нешто ново на тоа поле со Stowaway. Овој тип на филмови ретко разочаруваат (Gravity, Life, Moon, Ad Astra) па нормално дека очекувањата беа високи. За жал, Stowaway ни оддалеку не ги исполни.

Приказната е следна: тричлен екипаж – Зои (Ана Кендрик), Барнет (Тони Колети) и Дејвид (Даниел Дае Ким – ќе го препознаеш од Lost) – поаѓа на двегодишна мисија на Марс, каде што треба да создадат услови за живот. Уште на почетокот филмот ни ги прикажува тешкотиите на меѓупланетарните патувања. Зои и Ким се двајца од илјадници апликанти за ова патување, но и покрај тоа Ким повраќа уште на почетокот, а Зои се воодушевува на тоа што се случува како мало девојче. Само Барнет, главната на мисијата, со долгогодишно искуство, не го покажува внатрешниот немир што го чувствува, иако можеме да го познаеме преку нејзиниот поглед.

После првите турбуленции, мисијата се стабилизира и екипажот се спојува со вселенската станица. Сепак, таму ги пречекува екстремно непријатно изненадување. Во нивниот шатл наоѓаат онесвестен човек, дел од екипата што го подготвувала шатлот за оваа мисија. Претпоставката е дека нешто му се случило додека ја вршел својата работа (како вселенски инженер) и останал заглавен во шатлот. Така тој станува четвртиот член на овој екипаж. Уште понепријатно изненадување е кога дознаваат дека тој го оштетил системот за регулирање на јаглеродниот диоксид на шатлот. Нема доволно кислород за сите четворица да преживеат.

Главниот проблем тука е како човекот останал заглавен на шатлот. При вакви мисии имам впечаток дека и влакно да остане заглавено некако ќе го приметат, камоли човечко суштество, дел од работниот тим на агенција пандан на НАСА. Кој екшуали работел на оваа мисија, и чие отсуство во таков клучен момент нема шанси да остане незабележано. Некако преамбициозно од режисерот да верува дека ова туку-така ќе помине кај публиката.

И ОК, ова можеби и некако ќе поминеше ако филмот се извадеше понатаму. Но, се трга наопаку од тој момент. Филмот се труди да не натера да почувствуваме нешто за ликовите, ама никако да успее во тоа. Не знаеме ништо за нив, ама сепак во секоја втора сцена ни сервираат трогателни моменти што треба да не убедат дека ова се монументални моменти за нашите херои.

Има една сцена надвор од шатлот која визуелно беше ефективна, но премалку ми беше гајле до тој момент што ќе се случи, па го немаше посакуваниот ефект. Stowaway сака да биде нешто посебно, драматично, пример за пожртвуваноста и несебичноста на човекот. Неизбежна е споредбата со Gravity, но поблиску ќе е споредбата со уште еден разочарувачки филм сместен помеѓу ѕвездите – Passengers.

Претходна статијаТретиот успешен лет на Ingenuity беше подолг и побрз од претходните
Следна статијаПристигна верзијата од iOS која овозможува блокирање на следењето од страна на апликациите