Како што упатува називот, мулти-потпис (multi signature, или скратено, multisig) е правен концепт каде што се потребни повеќе потписи, односно согласности, за да се одобри одредена активност. Во крипто светот, multisig е пред се техничка алатка која овозможува извршувањето на трансакцијата на биткоини да биде условена со повеќе потписи.

Да се вратиме чекор назад и да објасниме прво некои работи со едноставни зборови.

Нешто налик на стандардниот e-банкарски систем, биткоините се чуваат на сметки („адреси“) до кои пристап има оној кој го поседува корисничкото име и лозинката („приватен клуч“). Воглавно, над 90% од биткоините се чуваат на т.н. „стандардни сметки“ до кои пристап се има со еден приватен клуч. Оној кој го поседува има контрола врз биткоините. Било која авторизација на трансакција со биткоините е неповратна. Ако некој ти ја украде лозинката, отидоа биткоините во неповрат. Нема каде да се жалиш за рефундирање (оттука и огромниот фокус на сите инволвирани во крипто сферата на безбедноста).

Очигледно, како што е објаснето тука подетално, „стандардните сметки“ се single point of failure.

Поради сето ова, во 2012, програмерот Гевин Андерсен во BIP16 (Bitcoin Improvement Proposal) го воведува P2SH (pay-to-script-hash) со што се овозможува условување на трансакцијата со повеќе потписи, односно multisig трансакција.

Од практичен аспект, замислете заедничка сметка помеѓу повеќе корисници (горе во видеото е објаснето како ова се спроведува). Правилата кога одредена трансакција од сметката ќе се реализира се утврдуваат однапред и може да биде буквално по било кој принцип. На пример, одобрувањето на трансакцијата може да биде од типот на 1-3 (да речеме, тројца корисници на сметката) – со согласност од еден од корисниците. Може да биде условот 2-3 – само со согласност од најмалку двајца корисници. Ова се особено интересни концепти за бизниси.

Multisig е корисна алатка и граѓански апликации, секако. На пример, овозможува сетирање на „новчаник“ со двојна автентикација – пример, ниту една трансакција да не може да се реализира без одобрување од мобилен „новчаник“ ем од десктоп компјутер. Ако некој успее да ви го украде мобилниот, не може да ви ги украде биткоините ако нема пристап и до компјутерот дома. Друг пример е штедна сметка на двајца партнери – ако сакаш да повлечеш пари, потребна е согласност од двата партнери (2-2).

Се на се, multisig е уште еден корисна алатка со која Биткоин како систем станува корисен за општа употреба.

Претходна статијаКинеските власти користат систем за препознавање според одот и силуетата на човекот
Следна статијаСветлата тема во Windows 10 ќе добие многу посветли елементи на корисничкиот интерфејс
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.