Силициумска Долина ја следам редовно уште откако излезе првата сезона. Фантастичниот хумор, одличната глума и допадливите ликови се нешто што ме „хукна“ од првата епизода. Стануваше само подобра со време, следејќи ги тековните случувања во вистинската Силициумска Долина, влечејќи споредби со технолошките гиганти.

Серијата го следеше развојот на Пајд Пајпер, старт-ап што почна нуди децентрализиран интернет „за сите“, ослободен од стегите на најголемите компании, со целосно зачувана приватност на податоците.

Пет сезони Ричард Хендрикс, ЦЕО на Пајд Пајпер, мака мачеше со своите колеги да направи нешто од овој старт-ап, соочувајќи се со тешки предизвици и сериозна конкуренција. Шестата, и последна сезона, се очекуваше да донесе нешто ново. И не дека не донесе. Ричард сведочи пред Конгресот, во очигледна пародија на сведочењето на Марк Закерберг минатата година. Луѓето конечно ја препознаваат вредноста на Пајпер, а компанијата добива и поголем медиумски хајп.

Но, сезона 6 носи и доста повторувања. Ликовите не се сменети од прва до последна епизода. Можеш да очекуваш кои ќе бидат нивните реакции на одредени ситуации (иако ликовите не се менуваат, не значи дека не се предобро осмислени. Можам да го слушам Гилфојл цел ден). Истиот хумор после шест сезони може да стане репетитивен на моменти. А Пајд Пајпер повторно се соочува со слични предизвици како и претходните сезони. Секогаш кога им се случува нешто добро, веднаш потоа работите се враќаат назад и се случува некоја хаварија.

Затоа мислам дека шестата сезона е најслаба досега. Но и покрај тоа, последната епизода е одлична. Пајд Пајпер се наоѓа пред огромен успех и лансирање на својот „децентрализиран интернет“. Во еден момент, дејството се префрла 10 години во иднината, а сите Пајперовци зборуваат пред камера за некој документарец што се снима за Силициумската Долина. Очигледно Пајд Пајпер не станала компанијата во која очекувавме да прерасне.

Кога се враќаме во сегашноста, дознаваме што е работата. Гилфојл открива глич во нивниот код, и открива дека ако го лансираат нивниот интернет, тоа ќе значи целосно отстранување на интернетот и отворање на портите за глобална катастрофа. Практично вајбот е дека ќе направат Скајнет како од Терминатор филмовите. Поради тоа, го убиваат своето чедо и Пајд Пајпер пропаѓа.

Финалето го обели образот на последната сезона. Поради тоа, Силициумска Долина треба да остане запамтена како една од најпаметните и најинтересни ТВ комедии во 21 век.

Претходна статијаHuawei Y6s со поголема интелигенција и обновен дизајн почна да се продава и во Македонија
Следна статијаМожно враќање на Motorola во највисоката класа со нов телефон кој ќе има и пенкалце