Ова е една од најинтересните мистерии во технолошко-финансискиот свет. Кој е програмерот (или, поверојатно, тимот на иноватори) кој стои позади Bitcoin. Кој е Satoshi Nakamoto, фамозниот псевдоним кој ја лансираше една од најголемите иновации во модерната финансиска историја и буквално исчезна некаде во средината на 2011 г.?

Интересно е што за постоењето на Bitcoin не е (баш) битно кој е Satoshi. Системот функционира без централна контрола и без официјални лидери (иако, неофицијално, во процесот на носење одлуки по пат на консенсуз се истакнува еден вид на „природна елита“ која има големо влијание, иако секој кој не се согласува со нив може многу лесно да оди по свој пат односно да иницира т.н. Fork). Велам баш, бидејќи во крипто светот постои силна политичка битка за кој е правецот на Bitcoin – ако некој е Nakamoto, и те како може да влијае врз оваа „војна“.

Сепак, не постои човек во светот на ИТ кој не го копка кој е генијалецот позади Bitcoin. Има различни теории – од американската NSA до разни програмери, математичари или претприемачи.

Иако засега не можеме да знаеме со сигурност, еве ја нашата омилена шпекулација – Nick Szabo. Szabo е еден од највлијателните „фаци“ во крипто светот, присутен уште од самиот старт на Cypherpunks мејлинг листата од 90-тите, и има совршено CV за да биде креатор на Bitcoin – Szabo е либертаријанец, програмер, правник и криптографер, креатор на концептот на „паметни договори“ кој е и те како важен елемент во криптоекономијата. Дополнителнo, Szabo е долго време соработник/пријател со (веќе покојниот) Hall Finney, програмерот кој беше втората страна во првата трансакција на биткоини од Satoshi. Уште поинтересно, Szabo е креатор на Bit-gold, крипто монетарен систем претерано сличен на Bitcoin. Иако Szabo негира дека е Satoshi (иако вели дека решенијата во Bitcoin се очигледни но како секоја феноменална иновација, само после откако некој ќе ја имплементира), за нас лично следново е најинтересниот момент во целата мистерија.

Во текст на неговиот блог од 27декември 2008 г. (една недела пред објавувањето на кодот), некој од читателите го прашува Szabo за децентрализираното решение во сржта на моделот а со цел да не зависи системот од никој (no trusted third parties). Szabo го објаснува т.н. Византиски договор како можно решение за систем кој не се базира на доверба во трета страна да се држи до „монетарниот договор“. Сепак, одговорот што го дава Szabo во коментарите е всушност решението/главната иновација од самиот Satoshi и главната суштинска разлика помеѓу Bitcoin и Bit gold кој се базирал на централнизирано решение. Коментарите уште стојат на блогот. Како и мистеријата во етерот.

Сепак, ние си имаме свој фаворит.

Претходна статијаВовед: Како започнува крипто приказната (дел 2/2)
Следна статијаGoogle работи на замена за SMS сервисот со нов помодерен систем наречен RCS