03.10.2008 е еден од поважните датуми во модерната економска/финансиска историја (http://historyofbitcoin.org/). На овој ден Satoshi Nakamoto го објавува фамозниот текст Bitcoin: A Peer-to-Peer Electronic Cash System во кој објаснува како „чиста peer-to-peer верзија на електронски кеш ќе овозможи директни онлајн плаќања од еден кон друг субјект без посредство на финансиска институција“. Главната иновацијата на Satoshi е што го решава проблемот со double-spending без централна институција на која ќе и веруваме (како што се денес банките да речеме).

Како што објаснивме во претходниот дел од овој текст, Satoshi во Bitcoin всушност ги имплементира голем дел од најдобрите идеи од Cypherpunks заедницата, вклучувајќи и монетарни идеи од Австро-економската школа (како што се наведува во истражувањето на Европската централна банка од 2012 година: „теоретските корени на Bitcoin потекнуваат од идеите на Австро-економската школа и нивната критика на постојниот fiat монетарен систем, интервенциите на државата и централните банки кои, според нив, резултираат во инфлација и засилени економски кризи/бизнис циклуси“). Многу набрзо по објавувањето на white paper-от Satoshi, на 03јанури 2009г., Satoshi го „копа“ првиот блок на биткоини (genesis block, или блок бр. 0), со награда од 50биткоини. Блокот е придружен со порака со очигледно политичко значење: „The Times 03/Jan/2009 Премиерот соочен со втор спас на банките“. Финансискиот свет ја доживуваше најголемата криза после 1930-тите.

Претходно споменатите Wei Dai, Nick Szabo, Hal Finney се меѓу првите подржувачи (ако не и креатори на Bitcoin). Патем, на 12 јануари 2009 г. Satoshi ја извршува првата крипто трансакци и му префрла на Hal Finney 10биткоини. Satoshi останува во „етер“ уште некој извесен период, што некаде во април 2011 година му се губи секаква трагa, со што астрономски ја зголемува мистеријата околу овој човек/тим.

Но, Satoshi не ни е потребен. Bitcoin, како цел дигитален монетарен систем изграден со отворен и транспарентен код доживува значителен развој од година во година. Satoshi го изгради и му го подари на светот (притоа, заслужено, богато наградувајќи се со првите ископани биткоини). И нема назад. Секако, ова не значи дека не постојат огромен број на предизвици на патот на Bitcoin, но светот доби flashpoint како би изгледала алтернатива на постојниот монетарен систем и не верувам дека ќе се врати назад.

Претходна статијаМакедонските учесници во проектот „Фудбал за пријателство 2018“ на средба со првиот тим на ФК „Вардар“
Следна статијаКој е Satoshi Nakamoto човекот кој важи за креатор на Bitcoin ?