Во претходниот дел пишувавме дека ЕУ објави „патоказ“ за ре-отворање на економиите и границите кои треба координирано да го следат земјите-членки.

Без разлика на деталите, јасно е дека сите ќе мораме да го следиме моделот на про-западните азијски земји (Сингапур, Хонг Конг, Ј Кореја, Тајван, Виетнам) кои веќе неколку месеци живеат со вирусот – се функционира, но со големи мерки на претпазливост, маски насекаде, детекција и изолација на заразените и будно следење на состојбите. И ова може да потрае! На народот не му е јасно дека овие мерки досега беа да се купи време за подготовки да се менаџира со кризата и дека периодот на справување што следува ќе биде јо-јо пристап (кога ќе се зголемува бројката на новозаразени ќе се враќаат мерки за ограничување на мобилност и обратно).

Ова е очигледно и во плановите на двете главни светски сили, САД и Германија, кои на кратко ќе ги продискутираме чисто за индикација што не чека (како пристап).

Како што се очекуваше, Германија веднаш излезе меѓу првите држави со поконкретен план за ре-отворање на општеството. Економските рестрикции ќе останат на сила уште 20тина денови и мерките за социјална дистанца и претпазливост ќе останат на сила на неопределено време. Малите бизниси ќе се дозволи пополека да ре-отвораат, но само оние кои ќе почитуваат строги мерки за физичка дистанца. Истото ќе важи и за универзитетите кои ќе мораат да ги прилагодат предавањата на помали групи каде што ќе мора да се почитуваат правилата за физичка дистанца.

На две недели ќе се вршат масовни тестирања да видат какви се ефектите од олабавување на мерките. Нив им е и полесно да го изведат ова имајќи предвид дека веќе имаат најголеми капацитети за масовно тестирање во Европа (100.000 тестови дневно) и планираат да ги зајакнат. Главен индикатор кој ќе го следат е факторот на репродукција (Ro) на вирусот кој укажува на колку луѓе го пренесува вирусот еден заразен. Се додека се држи околу и под 1, е добро – германскиот здравствен систем има капацитет да се справи со епидемијата. Пред да се донесе планот Меркел се консултирала со панел од 26 топ експерти од различни полиња вклучително и научници од областа на бихејвиористичка психологија и етика (!!!) и во консултација со локалните лидери на 16-те германски држави-општини.

Истиот ден излезе и САД со свој тро-фазен план кој ја остава одлуката за ре-отворање на економиите во надлежност на државно ниво. Кај нив пред се ќе следи треакторијата на нови заразени случаи во последните 14 дена пред да се превзема чекор на релаксација на мерките. Како ќе се развиваат работите, ќе се преминува од една во друга во трета фаза, каде што постепено ќе се олабавуваат мерките се до нивно крајно укинување во оптимистично сценарио. Очигледно се ќе зависи од дисциплината и личната одговорност од секој од граѓанин.

Ова не чека и нас. Во оптимистично сценарио, очекувам мала релаксација на полицискиот час на крајот од месецот/почеток на мај. Сите останати мерки за физичка дистанца, одржување ред во локали, задолжително носење маски надвор/на работа, ќе останат на сила целиот период. Ранливите групи ќе мораат да се заштитат можеби до крајот на годината/додека не излезе вакцина. Како ќе се развива бројот на ново-заразени, така ќе маневрира и власта со либерализација на економските односи. Јо-јо стратегија.

Она што е важно од нас е да се задржи фокус, дисциплина и лична одговорност. И да нема никакви мерки веќе знаеме што е одговорно граѓанско однесување!

Претходна статијаСо измени на Законот за јавни претпријатија до поквалитетни јавни услуги
Следна статијаGoogle Duo ќе го подобри квалитетот на видео повиците со воведување на нов видео „codec“
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.