Shutterstock.com

Кога ќе заврши сето ова? Ок, освен кога ќе најдат лек и/или вакцина.

Очигледно е дека народот кај нас почнува да попушта под притисок од мерките за само-изолација и им паѓа концентрацијата. Истовремено, бројките на ново заразени од Корона вирусот продолжува да расте – што повеќе тестирања, тоа повеќе заразени.

ЕУ веќе објави Стратегија за олабавување на мерките против Корона вирусот, која содржи индикатори и насоки кои треба да ги следат земјите членки во наредниот период. Ќе се следат три главни критериуми, односно политиките треба да се носат врз основа на достапната наука, но почитувајќи ги максимално можно човековите слободи:

  1. Епидемиолошки критериуми (број на ново заразени, број на хоспитализирани лица…),
  2. Капацитет на здравствен систем (да се справи со нова бројка на заразени, но и да се нормализира и да ги обезбедува другите здравствени услуги) и
  3. Капацитет за мониторинг и тестирање на населението. Способноста за масовно тестирање, особено развивање на пакет за само-тестирање (self-testing kits) како и паметни мобилни апликации ќе бидат всушност главната алатка за обезбедување слобода и нормализација во наредниот период (покрај само-одговорноста и дисциплината од секој од нас).

Она што ќе мора да се пази е дека иако одлуките за ре-отворање на економиите и границите е одлука на државите-членки сепак мора да постои координиран пристап од очигледни причини.

Очигледно е дека кога ќе заврши кризата е мултидимензионална одлука (како што би рекле од ЕУ). Со други зборови, граѓанско-политичка одлука (Reason имаат добар текст на оваа тема – People Not Politicians will Decide When the Coronavirus Shutdown Ends). Власта, на еден или друг начин, ќе биде водена и од економската реалност и од граѓанската (не)послушност, не само од бројот на заразени од вирусот.

Сепак, без разлика кога ќе се одлучи да се ре-отвора економијата и олабавуваат мерките (очигледно бројките после празникот ќе бидат битен индикатор и очигледно дека не може да се определи конкретен датум однапред), она што станува пополека јасно е дека нема баш така лесно враќање назад како пред појавата на Корона вирусот.

Јасно е дека ќе мора сите да го прифатиме моделот на про-западните азиски земји (Сингапур, Тајван, Виетнам, Хонг Конг, Ј. Кореја) кои веќе неколку месеци живеат на овој начин – нема полициски час, а животот се одвива прилично непрекинато но со силни мерки на претпазливост. Особено видливо е дека секаде секој носи заштитни маски, нешто што го препорачува и Германија во затворените јавни простори (во Австрија пак е задолжително). Како што вели и самата Меркел, „мораме да разбереме дека додека нема вакцина и лек, ќе мораме да научиме да живееме со вирусот“.

Претходна статијаЈП Водовод и Канализација претстави апликација достапна на Android и iOS
Следна статијаУправувањето со јавните претпријатија е резервирано за мажите
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.