Во интересна колумна од овој стил “My Ordinary Life: The Improvements Since the 1990s” авторот прави интересна „вежба“:

„Тешко е да се забележат постепените подобрување на производите низ текот на времето, но мислам дека еден начин на гледање на работите е да се гледа нивниот downstream ефект – сите секојдневни мали обични работи кои сепак зависат од ситни иновации и постојано намалување на нивните цени, нови материјали, итн. Сето ова во комбинација води кон пад на цените, подобар квалитет по иста цена, производи кои не те нервираат или имаат разни ограничувања, итн.

Авторот во колумната има своја листа поделена на неколку сегменти (компјутери, технологија, општество, храна). Погледнете ја да не ја повторувам.

Интересно е како – поради глобализацијата и отворените пазари, како основни елементи на капитализмот – скоро до се’ што има пристап просечен Американец имаме пристап и ние. На пример, повеќето научни истражувања и книги ти се достапни инстант, или бесплатно или по некоја симболична цена (кај нас сите можеш да ги најдеш „пиратски“, бесплатно). Или пак, веројатноста да се изгубиш денеска при Google Maps е скоро непостоечка. Бенефитите од паметните телефони, од GPRS, до камера во џеб, се многубројни. Ми текнува во средно школо, пред 15-тина години, имаа мобилни двајца тројца – на нивните родители, по некоја луда цена и изгледаа ужасно грдо, со една функционалност. Денеска имаме сите супер-компјутер во џеб, по достапна цена (затоа имаме сите).

Или пак, ви текнува порано како ептен шетале, до Трст или во СФРЈ? Сега имаме евтини летови низ цела Европа.

Дури и „мали работи“ – ви текнува како порано единствена друштвена игра беше Монопол или Не лути се човече?! Монопол имаше монопол врз друштвените игри. Денеска ги имаме достапни скоро сите друштвени игри кои се на глобално ниво. Или пак, достапност на кафе. Пред 20-тина години имавте турско и нес, некоја чкарт категорија. Денеска на секој чекор има разни типови кафиња од секој крај на Планетата. Да, не е секој љубител на кафе – има и чаеви, илјадници видови.

Жалосно е што дел од бенефитите кои НЕ ги уживаме се поради лошо политичко управување. Значи, не ни се достапни бидејќи немаме технолошки или економски развој, туку не ни се достапни бидејќи немаме соодветни луѓе на соодветни позиции. На пример, легализација на медицинска, па и рекреативна марихуана или заштита на зеленилото, решавање на проблемот со загадување, итн.

Од време на време сакам да ја отворам темава. Убаво е да се има перспектива на некои работи околу нас, особено што сме често затруени од политичка негатива. Така, лани за 1 мај пишував за подобрувањето на условите за работа и воопшто животот на работникот, а пред извесен период го споредував развојот на животниот стандард во Македонија од 91′ па навака. Оваа колумна е во истата насока. Добро е малку позитива, особено во периодов.

Претходна статијаДемант од А1 Македонија поврзан со настанот „Get in the ring Skopje 2020“
Следна статијаВо Германија дизелот, а во Бугарија бензинот има 7 проценти биокомпонента
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.