Ако јас, ти и другите луѓе околу нас навистина живееме во симулација, нема начин како би станале свесни за тоа. Можеби се наоѓаме во некоја компјутерска симулација/игра креирана од битија кои се на далеку понапредно ниво од нашето (идејата беше интересно прикажана и во една епизода од една од најдобрите цртани серии некогаш направени – Рик и Морти).

Теоријата дека живееме во симулација беше популаризирана од Ник Бостром, експерт по вештачка интелигенција (и автор на една од омилените книги на Елон Маск, Суперинтелигенција). Тој сугерира дека една екстремно напредна цивилизација не би имала проблем да создаде компјутерски симулации на своите предци и општествата во кои тие живееле. Оттаму, тие би биле способни да тестираат стотици, дури илјадници симулации. Статистички гледано, тоа би значело дека веројатноста на сценариото „живееме во симулација“ е поголема од веројатноста на сценариото „не живееме во симулација“.

Постои и друга причина која го „поткрепува“ ова тврдење која вклучува математика. Односно, ригидноста на математичките закони според кои функционира универзумот укажува на постоењето на ограничен (и ригиден) компјутерски код, како што тврди Макс Тегмарк (уште еден експерт по вештачка интелигенција, но и космолог).

Можностите да се појават докази дека живееме (или дека не живееме) во симулација се речиси неверојатни (освен ако не забележиме glitch во матриксот). На крајот на краиштата, ако постојат докази, постои шанса и тие да се симулираат.

Прашањето е, зошто луѓето се опсесираат толку многу со ова прашање? Од кои причини е релевантно дали бургерот што ќе го јадам вечерва е компјутерски код, или е вистинско месо? Дали е важно, ако и во двата случаи можам да го вкусам и почувствувам и уживам во неговиот вкус?

Свесноста постои, без разлика дали сме дел од симулација или не. Сепак, не смее да се изостави и човечката потрага по бесмртност, која е неминовен дел од оваа дебата. Доколку сме дел од компјутерска симулација, би можеле да ја подесиме симулацијата за да не направи бесмртни.

Прашањето „Дали постои Бог?“ конечно ќе биде одговорено. Да, постои, и тоа сме ние. Но, што би правеле со тоа сознание?

Претходна статијаChrome почнува да блокира неконвенционално презентирани реклами
Следна статијаПрепораки од ИАБ Македонија во однос на измените на Google поврзани со Chrome