WU-bitcoin-spoof-630x324

Фантастично голем износ на пари кружи околу светот! Патем, износот на дознаките кои иселениците ги праќаат во своите земји, на глобално ниво, е три пати поголем него износот на државната помош која ја праќаат развиените капиталистички држави во земјите во развој (private aid)! Околу 230-те милиони луѓе кои живееле во „алтернативна татковина“ во 2014 година испратиле околу 500 милијарди евра во своите родни места (World Bank – Migration, Remittances, Diaspora and Development), а според некои проценки, уште 200 милијарди евра се праќаат преку неофицијални канали! Многу пари.

Значителни средства – околу 4% од БДП-то, односно над 300 милиони евра кои завршуваат во околу 20% од семејствата – праќаат дома и македонските гајтарбајтери кои бројат над 450.000 луѓе раштракани низ целиот свет. Патем, како целина, македонските гајстарбајтери се најголеми „странски“ инвеститори во Македонија! Некоја среќа во несреќа е (делумната) отвореност на границите во Македонија (hail to liberalism and relative free-markets!) со што во одредена мера се митигира катастрофалната состојба со невработеноста, сиромаштијата и генерално притисокот врз социјалната држава (голем дел од оние кои заминуваат се невработени на социјална помош која е така структуирана што ниту им помага да застанат на нозе и да станат свои луѓе, ниту пак им ја олеснува сиромаштијата). Секако, Македонија губи важен human capital, но според условите во домашната економија овие луѓе се очигледно попродуктивни во странство.

Накратко, дознаките од дијаспората играат значителна економска и социјална улога во модерните економии, а особено во земјите во развој како нашата.

Сепак, трансферот на овие средства си има своја цена (т.н. friction of remittances market). На глобално ниво, во Q1 2015 емигрантите плаќаат во просек 7.72% провизија за трансфер на овие средства во нивните родни места (значително намалување на трошокот од скоро 2% – во Q1, 2009 просечната провизија на глобално ниво изнесувала околу 9.67%). Сепак, да испратите до 140 евра од Германија во Србија преку официјалните канали, во просек ќе ви наплатат околу 15 евра провизија, односно нешто над 10% (http://remittanceprices.worldbank.org/en/corridor/Germany/Serbia). Во зависност од каналот на трансфер, парите може ќе стигнат во рок од 1 ден до повеќе од 10 дена. Според проценките на Светска банка, намалувањето на провизијата за трансфер на дознаки на 5% ќе им заштеди на иселениците околу 10 милијарди евра годишно.

https://www.youtube.com/watch?v=P8i-RGaC7yg

Меѓувреме, додека глобалната финансиска инфраструктура постепено (но бавно) ја зголемува својата ефикасност, на сцена во 2009 година се појавува една од најголемите иновации во модерниот финансиски свет – Биткоин. Во претходните две колумни објаснив за што станува збор (тука и тука). Во една реченица, станува збор за дигитална (крипто) валута со сопствен платен модерен peer-to-peer based систем. FEE објаснува дека во Киргистан, каде што дознаките сочинуваат околу 31% од БДП-то, италијанскиот претприемач Емануеле Коста веќе се обидува да го промовира Биткоин како алтернатива на Western Union и банките. Во Кенија пак, биткоин старт-ап BitPesa веќе нуди трансфер на пари „двојно побрзо и 75% поевтино“ него традиционалните опции.

Биткоин има потенцијал да овозможи инстант праќање пари (во просек, потребни се 8 минути за верификација и трансфер на биткоините) од било кој крај на светот по сериозни ниски провизии (паралела: е-поштата и нејзиниот ефект врз комуникацијата и поштата). Дополнителна предност е и потенцијалното отсуство на трошоци поврзани со конверзија на валутата. На крај, корисниците на биткоин немаат потреба да имаат банкарска сметка за да го извршат трансферот на пари. Ова е особено важен момент за неразвиените земји во кои огромен дел од луѓето немаат пристап до банки (пр. над 80% од луѓето во Африка). Едноставно кажано, Биткоин, како прва децентрализирана крипто-валута, има потенцијал да го исклучи „посредникот“ во процесот со што целиот износ (зборуваме за нешто околу над 30 милијарди евра глобално на годишно ниво) на дознаки ќе заврши во џебот на оние кон кои се наменети (и може да има неверојатен социјално-економски ефект имајќи предвид дека примателите на дознаки се често сиромашни семејства).

Се разбира, за ова да стане реалност, пред се, ќе биде потребно Биткоинот или да се остави да го развива слободниот пазар и спонтаниот поредок (hands of approach) или пак да се донесе технолошко-пријателска регулатива која нема да ја уништи или ослабне оваа иновација уште во самиот зачеток (моментално во Њу Јорк се одвива многу важен процес на консултации за регулирање на Биткоин).

Што и да се случи, Биткоин е нова технологија чиј потенцијал допрва ќе се открива и користи. И нема враќање назад.

Дополнителни извори:

http://www.coindesk.com/short-term-view-bitcoin-remittances/

https://remittanceprices.worldbank.org/sites/default/files/rpw_report_march_2015.pdf

http://www.coindesk.com/western-union-cio-bitcoin-solution-todays-market/

https://www.cryptocoinsnews.com/western-union-bitcoin-doesnt-add-value/ – контра одговор

http://www.coindesk.com/information/why-use-bitcoin/

Претходна статијаКако се формирала Месечината?
Следна статијаFacebook почна да ги користи HERE мапите во некои од нивните мобилни апликации